Посочувајќи ја изјавата на Вучиќ од пред два дена, во која тој тврди дека додека е претседател нема да го прифати влезот на Косово во Обединетите нации, Курти нагласи дека се крши членот 4 од европскиот предлог, кој двете страни го прифатија на последната средба во Брисел
Косовскиот премиер Албин Курти го обвини српскиот претседател Александар Вучиќ дека го прекршил европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Посочувајќи ја изјавата на Вучиќ од пред два дена, во која тој тврди дека додека е претседател нема да го прифати влезот на Косово во Обединетите нации, Курти нагласи дека се крши членот 4 од европскиот предлог, кој двете страни го прифатија на последната средба во Брисел.
„Претседателот на Србија вети дека ќе се спротивстави на членството на Косово во Обединетите нации. Ова би претставувало јасно прекршување на членот 4 од предлогот на Европската Унија. Нормализирање на односите е можно само ако двете страни преговараат со добра волја. Србија изгледа реши да не го прави тоа“,
напиша Курти во објава на Твитер.
Serbia’s President vowed last night to oppose Kosova’s membership in the UN. This would constitute a clear breach of Art. 4 of the EU proposal. Normalization of relations is possible only if both parties negotiate in good faith. Serbia has apparently decided not to do so.
— Albin Kurti (@albinkurti) March 1, 2023
Европскиот предлог за нормализација на односите се состои од 11 точки, а во четвртата точка на која се осврнува Курти, се наведува дека Србија нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Во интервјуто за српскиот јавен сервис од пред два дена, Вучиќ изјави дека е подготвен да работи на имплементација на многу работи од европскиот план за нормализација на односите со Приштина, но не и на признавањето на независноста на Косово и неговиот влез во Обединетите нации (ОН).
„Станува збор за тоа дека не можеме да зборуваме за меѓусебно признавање и за влез на Косово во Обединетите нации. Додека сум претседател нема да потпишам формално или неформално признавање на Косово, ниту членство во ОН“,
изјави Вучиќ.
Европскиот предлог, поддржан од Франција, Германија и САД, има цел да се постигне конечен договор и нормализација на односите на релација Белград-Приштина.
Заемното признавање не е експлицитно споменато, но во една од точките од договорот вели дека страните мора да ја почитуваат независноста, автономијата и територијалниот интегритет, правото на самоопределување, заштитата на човековите права и недискриминацијата.
Од ЕУ соопштија дека Косово и Србија изразиле подготвеност да го спроведат овој предлог, а во текот на месецов двете страни треба да ги договорат деталите за спроведувањето на предлогот на ЕУ за нормализација на односите.
Во фазата на имплементација на одредени делови од евентуалниот договор меѓу двете страни, на располагање е и Северна Македонија во својство на претседавач со ОБСЕ. Ова вчера го истакна премиерот Димитар Ковачевски за време на средбата со неговиот косовски колега Албин Курти на маргините на Економскиот форум кој вчера се одржа во Скопје.