Воедно, косовскиот премиер Курти кажа оти за Косово е неприфатлив предлогот на ЕУ за суспендирање на одлуката за казнување за сопствениците на автомобили чии таблички не се пререгистрирани. Тоа, како што кажа Курти, е неприфатливо ако не следува договор итно заложување од двете страни за конечен договор за нормализација на односите
По средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ и посредниците на Европската Унија во Брисел, премиерот на Косово Албин Курти изјави дека предлогот на ЕУ во врска со српските регистарски таблички е неприфатлив за косовските власти, а дека посредниците на ЕУ „се откажале“ од нивниот предлог за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
„Предлогот беше да се суспендира одлуката за казни и да се продолжи само со опомени, а Србија да престане да издава нелегални регистарски таблички. Но, за нас тоа не е прифатливо ако не следува договор итно да се заложиме за конечен договор за нормализација на односите“,
рече Курти.
Курти рече и оти шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и посредниците на ЕУ „се откажале“ од нивниот предлог и од рокот март 2023 како краен датум за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
„Со жалење можам да кажам дека посредниците, во овој случај Борел, се откажа од овој рок од март 2023 година и од предлогот на ЕУ за нормализација на односите. Ова го кажувам со жалење, бидејќи тие самите го предложија март 2023 година како краен рок. Кога се сретнавме во Париз на мировниот форум, Борел рече дека предлогот не е француско-германски, туку на ЕУ и дека е поддржан од Франција и Германија. Денеска се откажа од предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“,
додаде тој.
Косовскиот премиер истакна дека е подготвен да одржува состаноци секогаш со иста структура и редослед со цел конечен договор и нормализација на односите, а во чиј центар, како што кажа, е взаемното признавање и актуелните прашања од различна природа.
Шефот на дипломатијата на Европската Унија, Жозеп Борел, пак, одговорноста за неуспехот да се постигне договор меѓу Приштина и Белград ја префрли на косовската страна.
Борел изјави дека по повеќечасовни разговори, Белград и Приштина денеска не постигнале договор и најави дека ќе ги информира колегите во ЕУ и меѓународните партнери за однесувањето на страните во разговорите и непочитувањето на меѓународно-правните обврски, што, како што напомена, особено се однесува на Приштина.
„Затоа бараме од двете земји и очекуваме Косово да ја укине суспензијата за пререгистрација на возила на северот, а од Србија да го прекине издавањето на нови таблички. Тоа беше предлогот за решение, но бидејќи не е усвоен, апелираме да се примени, бидејќи тоа ни дава време да најдеме трајно решение за ова прашање во контекст на нормализирање на односите“,
рече Борел.
Тој додаде оти од Вучиќ и Курти очекува да покажат лидерска улога и да ги нормализираат односите, за да можат да продолжат по европскиот пат.