Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба реагираше оти како нација успеале да ја спречат Русија за каква било понатамошна ескалација, откако претходно денеска руското Министерство за одбрана соопшти оти дел од руските трупи на украинската граница се враќаат назад во базите, по завршувањето на воените вежби
Заедничките дипломатски напори со западните сојузници успеаја да спречат руската ескалација, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.
„Ние и нашите сојузници успеавме да ја спречиме Русија за каква било натамошна ескалација. Веќе е средината на февруари и можете да видите дека дипломатијата продолжува да работи“,
изјави шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.
Тој експресно реагираше на одлуката на руските власти да повлечат одреден број војници од украинската граница.
Претходно денеска руското Министерство за одбрана соопшти оти некои војници позиционирани на границата со Украина се враќаат во базите по завршувањето на вежбите, меѓутоа, големите вежби низ земјата и понатаму продолжуваат.
Во синоќешното вонредно обраќање до нацијата, украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа дека има оперативни сознанија од некои земји дека Русија во среда, на 16 февруари, ќе ја нападне Украина.
„Ни кажуваат дека 16 февруари ќе биде денот на нападот. Ние ќе го направиме ден на единството“,
рече Зеленски, но не сакаше да открие кој му дал такви информации.