Намерата, како што додаваат, била да создадат привид дека сите услови се исполнети, со цел да се одобри и исплати финансиската поддршка од Програмата за рурален развој во рамките на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА 3 – ИПАРД 2021–2027)

Надзорни инженери и стопанственици со лажни извештаи за недовршени објекти се обиделе да се стекнат со противправна имотна корист.
Кривичната пријава ги опфаќа лицата Б. Г. и Г. Ф., кои дејствувале во својство на надзорни инженери, како и Е. Н., М. Г. и Н. М., во својство на сопственици и управители на двете инволвирани правни лица.
Според соопштението од Управата за финансиска полиција, пријавените лица се товарат за сторени четири кривични дела со кои директно го прекршиле Кривичниот законик (КЗ) на РСМ. Тие се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување или уништување на деловни книги, измама на штета на средствата на Европската Унија – во обид и за употреба на исправа со невистинита содржина.
Истрагата утврдила дека пријавените надзорни инженери, постапувајќи спротивно на законските одредби, ги пречекориле границите на своите овластувања. Тие свесно извршиле технички преглед на објекти кои сè уште биле во изградба и изготвиле завршни извештаи со невистинита содржина.
Со ова ги прекршиле член 33 и член 90 став 3 од Законот за градење, овозможувајќи им на фирмите да ги запишат овие недовршени објекти во Агенцијата за катастар на недвижности како целосно функционални.
„Сопствениците и управителите на правните лица, иако биле свесни дека објектите не се завршени и не ги исполнуваат законските услови за ставање во употреба, ги употребиле завршните извештаи со невистинита содржина како основ за упис во јавните книги во Катастарот“,
наведуваат од Финансиската полиција.
Намерата, како што додаваат, била да создадат привид дека сите услови се исполнети, со цел да се одобри и исплати финансиската поддршка од Програмата за рурален развој во рамките на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА 3 – ИПАРД 2021–2027).
Со ова, пријавените се обиделе да стекнат противправна имотна корист во вкупен износ од 50 141 528 денари.
