Кога беше донесена регулативата за ковид-пропусниците на ЕУ, беше предвидено тие да траат до крајот на јуни 2022, но, според висок претставник на Унијата, нивната важност ќе биде продолжена, со тоа што ќе важат 12 месеци од последната примена доза
Европската комисија планира да ги направи дигиталните ковид-сертификати на ЕУ валидни 12 месеци по примањето на последната доза вакцина против ковид-19, изјави висок претставник од ЕУ за „Еурактив“, објаснувајќи дека Комисијата исто така работи на препорака или делегиран акт за продолжување на употребата на ковид-сертификатите за патување во ЕУ.
Според медиумот, предлогот ќе се најде пред Советот в петок.
Ако тврдењата на изворот се точни, целосно вакцинираните патници ќе мора да примат нова доза против ковид 12 месеци откако ја примиле втората доза или по исто толку време ако се работи за еднократна вакцина, како „Модерна“ и Џонсон и Џонсон“.
Оние што нема да примат засилувачка доза ќе мора да се тестираат за да можат да патуваат во ЕУ со дигитален ковид-сертификат.
Изворот, исто така, вели дека мнозинството земји членки на ЕУ се согласиле со предлогот, „но не сакаат да прават премногу врева околу него“ поради високите стапки на невакцинирани граѓани.
Плановите на Комисијата доаѓаат во време кога ЕУ повторно стана епицентар на коронавирусот, со 52 826 нови случаи на ковид-19 регистрирани во Германија само во последните 24 часа, 24 241 случај во Полска и 20 252 случаи во Холандија.
Во обид да се справат со ситуацијата, земјите членки поединечно преземаат мерки, главно со тоа што ги прават ковид-сертификатите задолжителни за патување и за пристап до одредени затворени простори.
Некои од земјите членки беа уште поостри со невакцинираните, како Австрија, која наметна целосно „заклучување“ на невакцинираните, на кои досега им беше забрането да посетуваат ресторани, бреберници и кина, а сега се обврзани да останат дома додека владата не донесе друга одлука.
Дигиталниот сертификат за ковид-19 на ЕУ стапи во сила на 1 јули 2021 година и треба да трае до 31 јуни 2022 година. Сите земји на ЕУ и шенген-зоната моментално го издаваат и го прифаќаат сертификатот, како и Македонија, која беше прва земја во регионот чиј сертификат беше признаен како еквивалентен на европскиот.