Во регионот сè уште не стивнува ситуацијата со новиот коронавирус. Денеска во земјава беше регистриран двоцифрен број на новозаразени или вкупно 74 лица. Во изминатиот период бројките беа речиси постојано над 100.
Иако дел од мерките се веќе разлабавени во државите околу нас, сепак кај повеќе важат одредени рестрикции за влез.
Во Србија денеска беа регистрирани 258 нови случаи на ковид-19, а осум лица починати. Вкупно во земјата има 26 451 случаи на ковид-19 од кои вкупно се починати 598, а оздравени се 14 047 лица.
Во Грција најмногу случаи во регионот на Атина
Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани два смртни случаи од ковид-19 и 77 новозаразени, од кои осум се по направените тестови на влезните точки во земјата, јави МИА.
Според грчките медиуми, најголемиот број нови случаи вкупно 28 се во областа Атика, поширокиот дел на Атина, а регистрирни се случаи во повеќе различни делови на Грција.
Нови позитивни случаи има на островите Крф (пет), Крит (три), Евија (два), на Кикладските острови (два) и еден на Лезбос, додека пак 11 се од кластер свадби во градовите Александруполи и Солун.
Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 4 737 случаи, а починаа 210 лица.
Во Албанија трет лекар почина од коронавирус
Во болницата Шефќет Ндроќи, позната како болница Ковид2, во Тирана, почина познатиот албански пулмолог Анибал Бибери (53), кој прво се лекувал во домашни услови, но пред неколку дена бил префрлен во болницата, каде и покрај сите напори на неговите колеги починал денеска.
Бибери повеќе години работел како лекар и во познатиот затвор „302“ во Тирана.
Тој е трет лекар кој ја губи битката со опасниот вирус, по Арјан Пуши, познат хематолог, професор на медицинскиот факултет во Тирана, кој почина на 30 јуни а по неколку дена и Хисни Шкјау, матичен лекар.
Опасниот коронавирус зема се поголем замав во Албанија, за што потврда е се повисокиот двоцифрен број на новозаразени во изминатиот и првите денови од овој месец кога во просек се регистрани по над 110 заразени.
Во исто време се зголемува и бројот на починати, во просек по четворица пациенти дневно.
Нови седум починати и 250 заболени од ковид-19 во Косово
Институтот за јавно здравство на Косово (ИКШПК) во редовниот дневен извештај за состојбата со ковид-19, попладнево објави дека вчера во земјата се евидентирани седуммина починати кај кои претходно било потврдено присуството на новиот коронавирус, со што бројката на жртви на епидемијата се искачи на 256.
Во изминатите 24 часа во Косово се регистрирани и 250 новозаболени од ковид-19, како и 126 лица кои оздравеле.
Вкупно од појавата на пандемијата, од извршените 37 865 тестирања (од кои 454 вчера), вирусот е откриен кај 9 049 лица, од кои 4 989 се излекувале. Активни носители на вирусот во Косово, според официјалните податоци на ИКШПК, се 3 804 лица.
Позитивен на ковид-19 вчера резултира и косовксиот премиер Авдулах Хоти, кој објави дека во наредниот период своите задачи ќе ги врши од неговиот дом, каде што ќе се самоизолира во идните две недели.