Од почетокот па се до средината на јули, статистиките за ковид-19 во земјава почнаа да покажуваат позитивни „сигнали“. За првпат од крајот на мај почна да паѓа бројот на активно болни од вирусот. Но, последниве десет дена, трендот повторно тргна нагоре
Денеска беше еден од ретките денови во изминатите три месеци во кој Министерството за здравство не извести за нови починати од ковид-19. Тоа е и единствениот „добар“ податок за последните 24 часа, поврзан со коронавирусот.
Другите бројки не се поволни. Оздравеле 70 пациенти но со вирусот се заразиле двојно повеќе нови пациенти, 152-ца. А и новозаразените се откриени со 1077 направени теста, што значи дека 14% од тестовите биле позитивни – полош резултат споредено со ветувачките податоци од претходните неколку дена.
Се повеќе „активно“ болни
Терминот „активни случаи“, кој го употребува и Министерството за здравство, го означува бројот на пациенти кои се заразани со ковид-19 минус оние кои оздравеле или починале. Станува збор за важен показател бидејќи од него се „чита“ моменталниот притисок на здравствениот систем но и потенцијалот за ширење на заразата.
Како што покажува црвената линија на графиконот подолу, бројот на активни случаи се зголеми за првпат во април, при т.н. „прв бран“. Потоа, трендот се смири и остана таков до крајот на мај. Од тогаш, па се до првите денови од јули, бројот на активни случаи се зголеми неколкукратно, што одговараше на т.н. „втор бран“. Во деновите пред изборите, за првпат по подолго време, почна да се намалува бројот на активни случаи. Но, како што покажуваат податоците од Министерството за здравство, тој тренд сега е прекинат.

Филипче: Има доволно доктори и кревети
Министерот за здравство Венко Филипче денеска потврди дека во следните недели медицинскиот персонал по болниците конечно ќе почне да користи годишни одмори. Но, вели, тоа нема да влијае на третманот на лицата со ковид-19. Објаснува дека одморите се организираат врз основа на прелиминарен план со кој ќе се обезбеди да има доволно персонал во секоја болница.

„Апсолутно сите пожртвувано работе изминатите 4 месеци, одморот мора да го земат, затоа што мислам дека уште поинтензивна работа ќе следи во есенските месеци. Мора да кажам дека има и многу позитивни искуства, многу колеги најавија дека нема сега да го земаат годишниот одмор, мислам дека е сосем коректно, многу професионално се поставија здравствените работници како и со справување со кризата, така и по ова прашања. Така што, проблем по однос на ова прашање воопшто немаме“,
вели тој.
Министерот вели и дека болничките капацитети за лекување на пациенти со ковид-19 се полупразни и дека има доволно слободни кревети.