Во однос на барањата за воведување карантин во Прилеп, Филипче рече дека епидемиолозите сметаат дека за тоа нема потреба. Дополнителни рестрикции смета дека не треба да се воведат ниту во Битола
Куманово, Штип, Прилеп, Битола и Скопје во моментов се со најширока трансмисија на вирусот, посочи министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Засега вели дека не се размислува за воведување нови рестрикции во ризичните реони, ниту на ниво на држава бидејќи, како што рече, добро се менаџира напливот на пациенти во болниците.
„Во близу две третини од градовите има сериозно намалување на иннциденцата во последните недели. Остануваат критични градовите Куманово, Штип, Прилеп, Битола Скопје“,
рече Филипче.
Во однос на барањата од градоначалникот на Прилеп за воведување карантин за градот, Филипче рече дека епидемиолозите сметаат дека за тоа нема потреба, но дека за состојбата ќе разговараат на утрешната средба. Дополнителни рестрикции смета дека не треба да се воведат ниту во Битола.
„Со градоначалникот на Прилеп утре детално ќе ја разгледаме епидемиолошката состојбата, добро е изменаџиран болничкиот капацитет и има слободни кревети. Исто како и во Прилеп, и во Битола добро се менаџираат креветите за болните. За модуларните болници, ми е жал што ВМРО-ДПМНЕ немаше разбирање и блокираше еден процес за зајакнување на креветите. Тоа ќе значеше дека ќе имаше повеќе болници со опрема. Но, верувам дека ќе го изменаџираме и овој бран“,
рече Филипче.
Коментирајќи ја состојбата со болницата во Битола, Филипче рече дека очекува извештај од ДЗСИ и дека се подготвува и дополнителен стручен надзор за девет случаи ширум државата, кои треба да ги изготват експерти од Лекарската комора.