Вчера од 15 смртни случаи од ковид-19, шест беа од Прилеп, каде што беа регисрирани и 83 новозаразени во еден ден. Бројката на активни случаи се приближува кон илјада
Мора да има карантин во Прилеп за да се стави под контрола ситуацијата со ковид-19, изјави во гостување на 24 Вести прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
Тој посочува дека Прилеп е втор град според бројот на заболени по Скопје.
Јованоски пред неколку дена го облече повторно белиот мантил и им се приклучи на колегите лекари во ковид-центарот во болницата во Прилеп.
„Последните девет дена има 26 починати. Само вчера имаше шест починати пациенти во Прилеп. По две недели од моето доаѓање на Инфективното одделение, упатив апел до сите здравствени работници кои немаат активности, во дел од слободното време, да им помогнеме на здравствените работници. Знаевме дека ќе биде вака. Се спремаме за т.н. трет бран“,
рече Јованоски.
Тој посочи дека во болницата во Прилеп има над 100 болнички кревети на располагање, а 50-ина болни користат дневна болница.
„Најголем број од пациентите се заразуваат од еден процент граѓани кои не носат маски. Апелираме, ама одреден број на граѓаните не веруваат и не се придржуваат до протоколите. Ќе побарам до Централниот кризен штаб – мораме да имаме карантин, Прилеп по Скопје има најголем број заразени и починати“,
вели градоначалникот за ТВ 24.
Од почетокот на епидемијата, во Прилеп се регистрирани 2 688 случаи на ковид-19, а, според последните податоци, активни се 982.
Со исклучок на Скопје, Прилеп вчера беше град со најмногу новозаразени (83) во државата.