Повеќе од половина од вкупниот број активни случаи (1 816) се во Скопје (952), додека Пехчево и Дојран моментно се општини без ковид-19
Регистрирани се 92 нови случаи на ковид-19 од направени 1 176 теста во последното деноноќие во земјава.
По подолго време, дневниот ковид-биланс се сведе на двоцифрена бројка на новозаразени и на едноцифрен процент на заразени од тестирани (околу 7,8 отсто), така што е намален и бројот на активни случаи во земјава (1 816).
Министерот за здравство Беким Сали изјави денеска дека серолошката анализа покажа дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале ковид-19 имаат имунитет. Тој рече дека е оптимист за општата состојба со ковид во земјава, но не и за антиковид-мерките.
Како што кажа, сè уште се наоѓаме на граница помеѓу жолта и зелена зона во врска со ковид-состојбата, но повеќе одиме кон жолтата.
Во последните 24 часа , се регистрирани нови случаи на ковид-19 во 14 градови во земјава, но само во Скопје бројката на новодијагностицирани е двоцифрена (60). Наспроти тоа, во Кавадарци и во Охрид има по шест нови случаи, во Прилеп – 5, Струмица – 4, Куманово и Гостивар – по 2, Тетово, Штип, Кочани, Струга, Гевгелија, Радовиш и Делчево – по 1.
Од вкупниот број на позитивни (92), регистрирани се 13 реинфекции.
Бројката на излекувани, пак, е троцифрена – 363 од кои 200 се во Скопје. Во текот на изминатите 24 часа, регистрирани се три смртни случаи како последица на квид-19: две починати лица се од Скопје (73г и 80г) и едно од Тетово (61г). Пријавените лица се починати во болнички услови. Дополнително е пријавено уште едно починато лице од Гостивар (64г), во болнички услови. Починатиот е пријавен на 31 јануари.
Кај сите четворица починати се регистрирани коморбидитети, според денешните податоци од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата е 301 583, бројот на оздравени пациенти е 290 617, а на починати 9 150.
Повеќе од половина од вкупниот број на активни случаи (1 816) се во Скопје (952), додека Пехчево и Дојран моментно се општини без активни случаи на ковид-19.