Ковачки го обвини Џафери дека со средбата со делегација во која имало претставник на Чеченците уште еднаш докажал дека е недостоен за функцијата и побара оставка од него
СДСМ треба да одговорат дали имало и нивни претставници во делегацијата предводена од Талат Џафери која ги примила овие лица во Собранието? Дали Ковачевски како член на владата во тој период знаел за ваквите посети и дали и тој се среќавал со нив?, прашуваат денеска од ВМРО-ДПМНЕ откако вчера од оваа партијата го обвинија претседателот на парламентот дека имал средба со делегација во која бил и поранешниот пратеник на Думата, Абдул-Вајдед Нијазов, претставник на чеченската делегација.
„Талат Џафери, но и власта на СДСМ и ДУИ се должни на македонската јавност да и објаснат: Зошто криеше дека при средбата со делегација имало безбедносно-интересни лица и кога планираше да ја запознае јавноста за овој факт? Што договарал со делегацијата во која бил и поранешниот пратеник на Думата Абдул-Вајед Нијазов, во случајов претставник на Чеченската делегација? Дали пред средбата со безбедносно-интересни лица е направена проценка од страна на надлежните безбедносни служби и доколку е направена, зошто е дозволена таква средба? Дали Талат Џафери после средбата ги известил надлежните безбедносни служби за текот и содржината на разговорите?“,
рече денеска на прес-конференција Драган Ковачки, пратеники член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференцијата тој исто така, побара одговор и на прашањето од кого потекнала, односно кој ја дал идејата за изградба на споменик во Тетово на Ахмат Кадиров, таткото на Рамзан Кадиров – лидерот на Чеченците кој се бори во Украина.
Ковачки го обвини Џафери дека со ова уште еднаш докажал дека е недостоен за функцијата и побара оставка од него.
За средбата со делегација во која бил и Нијазов вчера објави пратеникот Антонио Милошоски, а од кабинетот на Џафери реагираа демантирајќи ги обвинувањата.
„’Што ѝ ветил Талат Џафери на делегацијата од Чеченија која била во посета на Собранието?‘ е прашање кое нема одговор затоа што претседателот на Собранието немал средба со делегација од Чеченија“,
реагираа од неговиот кабинет потенцирајќи дека не стнаува збор за средба со чеченска делегација туку со делегација од Европскиот муслимански форум чиј претседател е Абдул-Вајдед Нијазов.