Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска на својот фејсбук-профил објави информација за посета на делегација од Чеченија лани во јули, чиј домаќин бил, како што вели Милошоски, претседателот на Собранието Талат Џафери и дека освен Скопје го посетиле и Тетово
Во веста на www.grozny-inform.ru од 9 јули 2021 година со наслов „Споменикот на пријателството на народите на Балканот и Кавказот во Македонија ќе го носи името на Ахмат-Каџи Кадиров“ се вели дека се работи за посета на делегација на муслимански лидери од осум европски земји и од објавените фотографии се гледа дека членови на делегацијата биле во Скопје и Тетово, каде што се споменува средба со муфтијата на Северна Македонија, Шакир Фетаи
Што ѝ ветил Талат Џафери на делегацијата од Чеченија? Со ваков наслов пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска на својот фејсбук-профил објави информација за посета на делегација од Чеченија лани во јули, чиј домаќин бил, како што вели Милошоски, претседателот на Собранието Талат Џафери.
Во објавата Милошоски наведува дека делегацијата била и во посета на Тетово.
„Чудна посета на Собранието на Македонија се случила на 10.07.2021 година кога Талат Џафери како претседател бил домаќин на делегација од руската Чеченска Република. На чело на чеченската делегација бил Абдул-Вајед Нијазов, марионета на Кремљ во тамошниот ‘Исламски културен центар’, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението ‘Муслиманите во поддршка на претседателот Путин’. Иако за секоја средба со странски гости собранискиот спикер ги информира медиумите, овој пат Талат Џафери одлучил да биде дискретен и да не сподели што разговарал и дали нешто му ветил на контроверзниот гостин⁉️ Гостите од Чеченската Република го посетиле и Тетово каде што објавиле дека со општината се договориле за изградба на парк и споменик на Ахмат Кадиров, првиот претседател на ЧР и носител на орден ‘Херој на Русија’. Инаку Ахмат Кадиров е татко на сегашниот деспотски шеф на Чеченската Република, Рамазан Кадиров, кој со неговите војници ревносно му помага на претседателот на Русија во инвазијата врз Украина, често извршувајќи ги најбруталните операции. Во чест на милениците на Путин од Чеченската Република бил организиран и свечен ручек во елитниот хотел ‘Буши’ во Скопје, но нема информација дали сметката е платена од буџетот на Собранието или платил некој друг. На собраниската веб-страница нема информации за овој настан, но за среќа во Агенциите за безбедност има детални извештаи“,
напиша утрово на својот фејсбук-профил.
Што објавија чеченските медиуми за посетата во Македонија?
За оваа посета објавена е информација во медиумите во Чеченија. Во веста на www.grozny-inform.ru од 9 јули 2021 година со наслов „Споменикот на пријателството на народите на Балканот и Кавказ во Македонија ќе го носи името на Ахмат-Каџи Кадиров“ се вели дека се работи за посета на делегација на муслимански лидери од осум европски земји. Во веста се информира за посета на Скопје и на Тетово, каде што се споменува средба со муфтијата на Северна Македонија, Шакир Фетаи.
„Во Северна Македонија заврши програмата на комеморативни настани посветени на 70-годишнината од раѓањето на првиот претседател на Чеченската Република, Ахмат-Хаџи Кадиров. Делегација на европски муслимански лидери се сретна со муфтијата на Северна Македонија, шеикот Шакир Фетаи, во главниот град на земјата, Скопје. За време на средбата делегатите разменија искуства на полето на интеракцијата и мирниот соживот на претставници од различни вери. Учесниците истакнаа дека ова прашање е многу важно во наследството на Ахмат-Каџи Кадиров. Делегација на муслимански лидери од осум земји од европскиот континент го посети и градот Тетово, во кој се наоѓа најпознатата џамија во земјата, ‘Алаџа Џами’. Делегатите прочитаа колективна дуа за Ахмат-Каџи Кадиров и други истакнати муслимани кои загинаа за праведна кауза“,
се вели во веста каде што се објаснува целата на посетата во Македонија.
На крајот од веста се наведува дека делегатите најавиле дека е постигнат договор со општинските власти – во Тетово да биде поставен споменикот на пријателството на народите од Балканот и Кавказот, кој ќе го носи името на првиот претседател на Чеченската Република, Кадиров.