Денеска дојави за бомби првично стигнаа во две скопски училишта, меѓу кои едното беше гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје. Тие стигнале околу 9:30 часот, а половина час подоцна дојави биле пратени до уште две школи
По веста дека во четири училишта во Скопје денеска повторно имало дојави за поставени бомби, со реакција се јави пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, кој обвини дека во МВР нема професионализам и лица со соодветни компетенции.
„Повторно нови дојави за бомби во училиштата. Еве зошто предупредуваме цело време дека во МВР не може да се вработуваат лица со основно занимање каменорезец, или поранешните градоначалници и партиски другари на Оливер Спасовски кои се навикнати на златна лажица и лица кои не поминале безбедносни проверки итн. Дали е појасно зошто цело време алармираме дека Законот за внатрешни работи што го донесоа СДС, ДУИ и пајтон партиите, со што на министерот му се дава право да унапредува по 3 (три) скалила одеднаш, не е добар за институцијата? Дали е појасно зошто безбедносниот сектор не смее да биде да биде партиска алатка на Оливер Спасовски и СДС и дека сето горенаведено е на штета на безбедноста на граѓаните“,
напиша Ковачки на Фејсбук.
Според него, во МВР нема професионализам, нема лица со соодветни компетенции на вистински места и нема одговорност.
МВР е мртво ткиво. Цели 2 недели не можат да откријат лажен бомбаш кој од лажни адреси, лажно ги паничи децата и граѓаните. Не сакам ниту да замислам како би реагирало МВР во некоја поопасна и посложена ситуација. Спасовски наместо да се загрижи за својата и неспособноста на кадрите што сам ги поставил, си тера партиска агенда по локални партиски штабови на распаднатиот СДС“,
вели Ковачки.
Денеска дојави за бомби првично стигнаа во две скопски училишта, меѓу кои едното беше гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје. Тие стигнале околу 9:30 часот, а половина час подоцна дојави биле пратени до уште две школи.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите четири училишта. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираат од МВР.