Утрово околу 9:30 часот првично стигнале дојави за бомби во две, а половина час подоцна за уште во две скопски училишта
Премиерот вели дека се надева оти тие што тоа го прават ќе сфатат дека Европа треба да живее во мир а не во страв и неизвесност
Откако денеска по шести пат стигнаа дојави за бомби во скопските училишта, премиерот Димитар Ковачевски посочи дека тие се дел од една стратегија за хибридни напади, на која се изложени и земјите од регионот и пошироко.
Се надевам дека тие што го прават, тоа вели Ковачевски, ќе сфатат дека Европа мора да живее во мир, а не во страв и неизвесност.
„Ова што се случува е исто така дел од една таа стратегија за такви хибридни напади. Мора да бидете свесни дека МВР при такви дојави мора да интервенира бидејќи се работи за школи и не случајно тие таргетираат школи бидејќи најчувствителни се луѓето кога се работи за школи бидејќи нашите деца учат во тие школи. МВР нормално дека интервенира, секторот за електронски криминал нормално дека согласно своите надлежности ги испитува сите можни податоци за да се дознае од каде доаѓаат тие лажни дојави. Јас се надевам дека тие што тоа го прават ќе сфатат дека Европа треба да живее во мир а не во страв и неизвесност“,
изјави премиерот.
Денеска дојави за бомби првично стигнаа во две скопски училишта, меѓу кои едното беше гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје. Тие стигнале околу 9:30 часот, а половина час подоцна дојави биле пратени до уште две школи.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите четири училишта. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираат од МВР.