„Сите заедно стоиме под еден покрив – ‘Фронтот за вистина и правда’. Фронтот не е само политички проект. Тоа е борба на сите што сакаат Македонија да биде слободна, праведна и дел од Европа. Борба во која секој млад човек што сака да остане и да живее достоинствено има свое место“, вели лидерот на СДСМ во видеообраќањето
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) Венко Филипче денеска преку видеообраќање до младите порача дека „Фронтот за вистина и правда“, предводен од партијата, е носител на промените во државата и дека во неа има место за секој млад човек што сака да остане и достоинствено да живее во земјата.

Видеообраќањето, како што наведува Филипче на почетокот на обраќањето е од летен камп на кој, како што вели, е заедно со оние што не се помириле со тоа дека Македонија треба да биде земја на лаги кражби и организиран криминал.
„Вие сте генерацијата која најмногу ја плати цената на оваа власт и сè уште ја плаќа. Вие сте оние што секој ден размислувате дали да останете во својата земја или да заминете. Вие сте оние што не сакате да градите иднина врз лаги и врз систем во кој правдата важи само за некои. Затоа сме тука. Затоа се бориме. Не сме тука за да чекаме подобри времиња. Туку за да ги создадеме. Не сме тука за да се помириме со тоа дека организирана криминална група управува со државата. Туку за да ја вратиме државата во рацете на граѓаните“,
вели претседателот на СДСМ во видеообраќањето.
Во него тој наведува дека Социјалдемократскиот сојуз отсекогаш бил државотворна партија, која секогаш носела храбри одлуки во насока на просперитет и иднина на земјата и додава дека денес носител на промените не е само СДСМ, туку еден широк граѓански фронт во кој се вклучени поединци, експерти, граѓански иницијативи и невладини организации.
„Сите заедно стоиме под еден покрив – ‘Фронтот за вистина и правда’. Фронтот не е само политички проект. Тоа е борба на сите што сакаат Македонија да биде слободна, праведна и дел од Европа. Борба во која секој млад човек што сака да остане и да живее достоинствено има свое место. Вие не сте само иднината. Вие сте сегашноста. Вие имате најмногу сила и енергија за оваа борба. И токму затоа оваа борба е ваша. Останете. Борете се. Верувајте. Македонија може подобро. И ќе биде подобра“,
вели Филипче.
Лидерот на СДСМ на крајот од обраќањето им порачува на младите граѓани на земјава дека тој е со нив во борбата за слободна, демократска и правна држава.
„Нам не ни треба култ на лидер. Нам ни треба систем. Нам ни треба слободна, демократска и правна држава, а затоа ни треба европска Македонија. Сите заедно! А, јас сум со вас сум. До победа!“,
вели лидерот на СДСМ.
Инаку, видеообраќањето на Филипче доаѓа откако вчера под името „Разговори за иднината во 12:05“ беше промовирана нова демократска платформа со цел подигнување на нивото на општествената дебата во земјава.
Првата сесија се одржа зад затворени врати, почитувајќи го традиционалното демократско начело „Chatham house rules“. На неа биле собрани учесници поделени во три неформални групи на општествени чинители: влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле партиски членови, гласни актуелни опозициски вршители на јавни функции и истакнати припадници на различни генерации на СДСМ. Учесниците на разговорите, како што беше наведено во соопштението, заеднички дефинирале неколку заклучоци за моменталната општествено-политичка состојба.
Од СДСМ новоформираната платформа ја нарекоа „Проект ЗНАМ 2.0 – платформа за иднината на Мицкоски“. Според партијата, промовирање на луѓе без јасна структура и порака не е случајност, туку смислено од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Од опозициската партија тврдат дека Мицкоски првично се обидел да ја провлече оваа платформа внатре во самата партија со цел да предизвика внатрешни поделби, но откако тој план пропаднал, според нив, сега тоа го прави самостојно.
