На седницата за пратенички прашања, која беше на дневен ред на Собранието на 25 јуни, Филипче упати серија критики до премиерот и Владата, обвинувајќи за лошата економска состојба во државата, стагнацијата во евроинтеграции, заминувањето на младите и за партиски тендери, на што Мицкоски одговори: „Кога луѓето ќе ве видат зад решетки, тогаш ќе бидат среќни бидејќи правдата дошла“
Премиерот во вечерашното гостување во централниот „Дневник“ на телевизија Сител рече оти остава секој личните фрустрации и моменти на слабости да ги истура врз него, но тој, како што наведе, има висок праг на толеранција и оти ќе го задржи тоа ниво
Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување вечерва изјави дека не упатил закани кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на седницата за пратенички прашања минатата недела, туку само го пренел тоа што е глас на народот и што стигнува до него.

За потсетување, на седницата за пратенички прашања, која беше на дневен ред на Собранието на 25 јуни, Филипче упати серија критики до премиерот и Владата, обвинувајќи за лошата економска состојба во државата, стагнацијата во евроинтеграции, заминувањето на младите и за партиски тендери. Давајќи ѝ на актуелната Влада оценка нула, лидерот на СДСМ го праша Мицкоски кој е виновен за таквата ситуација и за изгубените две години и дали ќе излезе пред граѓаните да каже дека потфрлил и не исполнил ништо од своите ветувања. Одговарајќи на прашањето, премиерот Христијан Мицкоски ги негираше тврдењата на опозицијата и го префрли фокусот на владеењето на правото и разочарувањето на граѓаните од претходната власт. Премиерот кажа дека луѓето ја напуштаат земјава поради недоверба во институциите бидејќи гледаат како поранешни функционери се соочуваат со неказнивост.
„Јас признавам дека сум виновен што поминаа две години, а вие уживате на јахтите наместо на друго место. Но, исто така ве гледам во очи и ви ветувам дека нема повеќе да ги разочаруваме македонските граѓани. Кога луѓето ќе ве видат зад решетки, тогаш ќе бидат среќни бидејќи правдата дошла“,
рече Мицкоски.
Во вечерашното гостување во централниот „Дневник“ на телевизија Сител, премиерот беше прашан дали и покрај заканите и навредите меѓу власта и опозициската СДСМ, која го нарекува шеф на организирана криминална група, има простор за посериозен дијалог и консензус за некои поважни прашања. Во тој контекст, Мицкоски беше потсетен на секвенцата во која од партиска говорница му се заканува на Филипче, а тој него го нарекува шеф на криминална група.
„Јас не се заканив на собраниска говорница, туку на пратенички прашања беше поставено прашање од пратеникот Филипче и јас само пренесов тоа што е вокс попули, коешто стигнува до мене, што е тоа што го очекуваат граѓаните. Јас не реков дека можам да судам некого, или да осудувам, како што јас сум суден“,
рече Мицкоски во интервјуто.
Тој додаде дека понекогаш знае да биде чувствителен, но оти тоа е сосема некоја друга тема и повтори дека тој никогаш не се заканува.
Во однос на наративот на опозицијата, која власта ја нарекува организирана криминална група, премиерот рече дека станува збор за политички памфлет и оти претпоставува дека некој пи-ар стратези ја подучуваат опозицијата да се користи со навреди, со надеж дека на таков начин ќе стекне некаков кредибилитет.
Во тој контекст, Мицкоски рече дека неговиот адвокатски тим му сугерирал дека има основа за тужби поради таквите навреди кон него, но тој решил да ги послуша оние што го советувале дека како премиер и јавна личност треба да има висок праг на толеранција.
„Мојот адвокатски тим ми вели овде има многу основи секој ден за тужби, други, пак, ми велат, твојот праг на толеранција, ти си јавна личност, сепак треба да биде голем. Јас се одлучив да ги слушам овие вториве кои велат прагот на толеранција треба да биде голем, во ред тие нека навредуваат, ние ќе работиме“,
рече Мицкоски.
Но, како што кажа, она што најмногу го загрижува и што треба да се анализира е што тинејџери од опозицијата читаат соопштенија во кои го нарекуваат шеф на организирана криминална група и на мафија, алудирајќи на неодамнешните прес-конференции на членови на подмладокот на Социјалдемократскиот сојуз – СДММ.
„Претпоставувам тие не можат да се сетат на времето кога македонскиот бизнис се редеше во еден хотел во југоисточна Македонија и носеше арач од секој бизнис што го правеше. Претпоставувам дека не се сеќаваат на едно друго владеење, кога СДСМ беше влада, односно немој друг беше влада кога сите знаеме што се случуваше, а потоа си донесоа закон со кој си се амнестираа па сега зборуваат и лажно клеветат. Сепак треба да се има некакво достоинство во политиката и треба да се има некаква граница“,
изјави Мицкоски.
Заокружувајжи го одговорот на прашањето, премиерот рече оти остава секој личните фрустрации и моменти на слабости да ги истура врз него, но тој ќе го задржи нивото што го има.
„Не е проблем, јас имам голем праг на толеранција, ќе се обидам да го задржам тоа ниво коешто го имам и на тој начин да функционирам во политиката“,
рече Мицкоски.
