„Разговарав со министерот за внатрешни работи, ќе следуваат санкции за сите инволвирани и за нивните родители. Најчест причинител на врсничкото насилство е семејното насилство и занемарувањето на децата“, изјави денеска ресорната министерка во врска со последниот случај на меѓуврсничко насилство во Општина Аеродром
Во тој контекст, министерката рече дека во моментов во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека меѓуврсничкото насилство може да се запре само ако институциите, наставниците и целата заедница се ангажираат со целосна сериозност, но, како што нагласи, особено важна е улогата на родителите.

Според неа, недостига поголема грижа и посветеност од многу семејства кон своите деца, особено онаа која се однесува на воспитната компонента која е основа за здраво растење.
„Не од сите, но од многу семејства недостасува таа воспитна компонента“,
рече ресорната министерка пред едукативниот панел за родители и старатели на ученици на тема врсничко насилство што денеска се одржа во Домот на културата „11 Октомври“ во Општина Гази Баба.
Таа се осврна и на последниот случај на меѓуврсничко насилство во Општина Аеродром, кој според неа покажал деца со недостиг на емпатија и изобличени вредности. Во случајот од кој се појави и видеоснимка на социјалните мрежи, 12-годишно девојче на 30 јуни било нападнато од 14-годишна малолетничка, која заедно со својата другарка ја натерала жртвата во два наврати да клекне на колена и и да се извинува. Потоа, според пријавата на мајката на девојчето, тоа било нападнато од друга малолетничка, а целиот настан бил снимен од повеќе малолетници кои биле присутни во паркот зад трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром.
„Едни се изживуваат врз дете, а други стојат настрана, снимаат и се забавуваат, наместо да му помогнат и да го заштитат. Ова насилство е аларм за целото општество. Тоа е плод на недостиг на воспитна мерка меѓу родителите и децата“,
изјави Јаневска додавајќи дека без ангажирање на родителите секоја иницијатива за справување со меѓуврсничкото насилство е неефикасна.
Токму затоа, како што посочи министерката, на национално ниво се иницирани директни средби со родителите на децата и наставниците, како денешната, а целта е отворено да се предочат проблемите, да се слушнат предизвиците со кои се соочуваат семејствата и училиштата, како и да се разменат идеи и иницијативи за заедничко дејствување против меѓуврсничкото насилство.
Таа најави ригорозен системски одговор и наведе дека во случаите на врсничко насилство мора да им одговорност и за родителите.
„Разговарав со министерот за внатрешни работи, ќе следуваат санкции за сите инволвирани и за нивните родители. Најчест причинител на меѓуврсничкото насилство е семејното насилство и занемарувањето на децата“,
рече Јаневска.
Во тој контекст, министерката рече дека во моментов во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле меѓуврсничко насилство во училиште.
Од Министерството за образование и наука велат дека минатата година подготвиле и реализирале сет мерки за справување со меѓуврсничкото насилство. Како што наведуваат оттаму, со законски измени училиштата се задолжени во годишните програми за работа да предвидат активности за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и други мерки.

„Беа изработени прирачници за наставници за справување со меѓуврсничко физичко насилство во училишта и за пријавување на кибернасилство. Стручните служби во училиштата беа зајакнати со ангажирање кадар онаму каде што недостигаше, и беа вратени дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во училишните дворови“,
се наведува во соопштението од МОН.
Оттаму додаваат дека средбите со родителите ќе продолжат, а ќе продолжат и обуките за стручните соработници за препознавање семејно насилство преку однесувањето на децата на училиште и спречување тоа да се преслика во меѓуврсничко насилство во училиштата.
Според МОН, досега се реализирани обуки за стручни соработници од триесетина општини во Македонија, а во соработка со Комората на психолози, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
