Од Министерството додаваат дека се преземаат мерки за утврдување на идентитетот и на другите инволвирани малолетници во случајот, по што ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело насилство и за сторено кривично дело запуштање и малтретирање малолетно лице
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека вчера во полициска станица се повикани на разговор две малолетнички и нивните родители во врска со случајот со меѓуврсничко насилство во скопски Аеродром, кога малолетничка беше физички нападната од свои врсници.

Настанот, од кој се појави и видеоснимка на социјалните мрежи, вчера во полиција го пријавила 31-годишна жена, мајка на 12-годишното девојче кое беше нападнато. Пријавила дека на 30 јуни околу 22 часот вечерта, во парк во Аеродром, ќерка ѝ била нападната од страна на 14-годишна малолетничка, која заедно со својата другарка ја натерале жртвата во два наврати да клекне на колена и да се извинува.
„Потоа откако тргнала да си оди, била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала“,
соопштија од МВР.
За настанот се известени јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
Од МВР додаваат дека се преземаат активности за утврдување на идентитетот и на другите инволвирани малолетници во случајот, по што ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело насилство и за сторено кривично дело запуштање и малтретирање на малолетно лице.
