Прашан за случувањата и турбуленциите во Алијанса и дали според него оваа партија е поблиску или подалеку од европскиот фронт, лидерот на СДСМ денеска рече оти смета дека секоја политичка партија одлучува во рамките на своите органи за тоа како ќе се постави во политичкиот простор. Останува на Алијанса за Албанците, рече Ковачевски, да одлучи дали ќе оди на Запад или на Исток, односно дали ќе биде за Европската Унија или за некакви недефинирани алтернативи
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска изјави дека го загрижуваат информациите за пронајдениот неиспукан куршум пред куќата на претседателот на Алијанса за Албанците и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

Доколку е точно дека пред домот на Таравари бил оставен куршум, Ковачевски рече дека во тој случај Министерството за внатрешни работи треба да интервенира, како што тоа беше случај по вчерашниот физички напад на директорот Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците (АА).
„Секако дека ме загрижува ова. Се информирав дека МВР веќе има интервенирано во делот на тепачката која се има случено вчера во Тетово, каде што е нападнат директор на владина институција од страна на лице што е идентификувано со име и презиме. Сметам дека МВР тоа треба да го заврши. И доколку и оваа информација (неиспуканиот куршум пред домот на лидерот на АА) која сега ја споделивте е точна, тогаш треба на ист начин ригорозно да се интервенира“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за време на неговата посета на градинката „Пролет“.
Од Секторот за внатрешни работи во Тетово, за „360 степени“ потврдија денеска наутро било пријавено дека во Гостивар е пронајден неиспукан куршум од автоматско оружје.
„Денеска во 09:34 часот, 42-годишниот гостиварец Ј.Џ.во СВР тетово пројавил дека пред влезната врата на куќата на 50-годишниот А.Т. од Гостивар било оставено односно пронајдено зрно од автоматско оружје калибар 7,62 милиметри“,
информираат од СВР Тетово.
Оттаму додаваат дека екипи на СВР Тетово, Одделение за внатрешни работи Гостивар, извршиле комплетен увид. Зрното, како што велат, откако е фотодокументирано било подигнато за вештачење.
Од СВР тетово информираат дека се испитуваат сите детали во врска со овој случај.
Информацијата за пронајден неиспукан куршум, кој бил оставен пред вратата на домот во кој живее градоначалникот на општина Гостивар и претседател на политичката партија Алијанса за Албанците, за МИА ја потврдуваат и од кабинетот на Таравари од каде што велат дека случајот е пријавен во полиција и дека повеќе информации ќе има во текот на денот.
Синоќа, пак, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците (АА), бил физички нападнат додека со семејството вечерал во еден познат тетовски ресторан, а настанот го потврди и полицијата.
Двата инцидента доаѓаат по превирањата и длабоките разлики во врвот на Алијанса за Албанците, која е дел од актуелното парламентарно мнозинство и Владата, за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.
Прашан за случувањата и турбуленциите во Алијанса и дали според него оваа партија е поблиску или подалеку од европскиот фронт, лидерот на СДСМ денеска рече оти смета дека секоја политичка партија одлучува во рамките на своите органи за тоа како ќе се постави во политичкиот простор.

Останува на Алијанса за Албанците, како што рече Ковачевски, да одлучи дали ќе оди на Западот или на Истокот, односно дали ќе биде за Европската Унија или за некакви недефинирани алтернативи.
„Секоја политичка партија ги избира своите коалициски партнери согласно вредностите кои ги дели. На изборите во 2024 година ќе имаме два блока на политички партии, едниот кој ќе биде за европски интеграции и другиот кој ќе биде за изолација. Едниот блок кој ќе биде за Северна Македонија членка на ЕУ, дел од Западна Европа и Северна Македонија, вториот блок, со некаква алтернатива нејасна, необјаснета од никого, која ќе гледа повеќе на Исток отколку на Запад. На Алијанса е да одлучи дали ќе оди на Запад или ќе оди на Исток, дали ќе оди за Европа или ќе оди за некакви недефинирани алтернативи коишто никој не ги објаснува. Тоа е сепак нивна одлука“,
изјави Ковачевски.
Прашан кој е неговиот личен став, лидерот на СДСМ рече дека не може да даде лично мислење за која било друга политичка партија бидејќи, како што додаде, тоа сепак е нивна работа.
„Меѓутоа, јас посакувам партиите кои се за јасна европска интеграција на државата да бидат што повеќе во државата бидејќи на тој начин полесно ќе носиме важни и големи одлуки за државата и нема да се доведеме во ситуација повторно да бидеме 17 години на чекање во некаква чекална, за да продолжиме со следниот чекор во интеграциите во ЕУ“,
кажа Ковачевски.
За изборот на претседателски кандидат, уште една тема за која денеска беше прашан, Ковачевски рече дека процедурата во партијата чиј лидер е, е некаде на средина.
„Завршува предлагањето во месните организации. Сега општинските организации ќе го дадат својот збор и потоа целата документација во однос на кандидатите за претседател и на кандидатите за пратеници доаѓаат во Централниот одбор каде што исто така постои постапка на Извршен одбор, раководство, Централен одбор којшто го закажуваат конгресот и се избира кандидат и за претседател на едниот конгрес и за пратеници на пратеничките листи на втор конгрес, којшто исто така е закажан“,
рече Ковачевски.