Дритон Небиу, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците (АА), вечерва бил физички нападнат додека со семејството вечерал во еден познат тетовски ресторан. Настанот го потврди и полицијата.

фото: Фејсбук-профил на Дритон Небиу
„Вечерва во 19.40 часот во СВР-Тетово било пријавено дека во угостителски објект на улица ‘Маршал Тито’ во Тетово Д.Н. бил физички нападнат од К.О. од Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираат од СВР-Тетово.
Настанот се случил веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во партиското седиште во Тетово. На прес-конференцијата присуствувал и Небиу, а веднаш по неа објавил и фотографија изразувајќи поддршка за Зијадин Села.

Како што објави ТВ Клан Македонија, нападот го извршил Кренар Османи кој е еден од поддржувачите на актуелниот претседател на партијата, Арбен Таравари. Веста за ТВ Клан Македонија ја потврдил самиот Дритон Небиу. „Да, веста е точна, ме нападна Кренар Османи“, кратко изјавил тој.

фото: Фејсбук-профил на Кренар Османи
Во Алијанса за Албанците владее силна поделба околу тоа дали партијата на претстојните парламентарни избори треба да оди самостојно или заедно со опозициските партии на Албанците. Втор ден траат јавните „препукувања“ меѓу таборите на актуелниот претседател Таравари и пранешниот Села.
Села, кој е и актуелен претседател на Централното собрание на АА, денеска на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово објави дека свикува седница на ова партиско тело за в сабота, на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Арбен Таравари. Рече дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова со вчерашната објава на Фејсбук во која побара поддршка за АА да оди на избори заедно со опозициските партии на Албанците.
Таравари, пак, објави дека неговата иницијатива добива подршка од мнозинството членови на Централното собрание. Тврди дека собрал 80 потписи од вкупно 133 членови на ова тело.