Вучиќ на Инстаграм соопшти дека утринава преку видеоврска разговарал со премиерите Еди Рама и Димитар Ковачевски, во врска со претстојниот Самит во Брисел
Албанскиот премиер попладнево на Твитер има објава во врска со самитот на ЕУ, во која тој е песимист дека ќе има позитивен исход и обвини дека Унијата е киднапирана од Бугарија
Премиерот Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ на социјалните мрежи објавија дека утре ќе одлучат за учеството на претставниците на Србија, Албанија и Северна Македонија на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, кој ќе започне в четврток.
Вучиќ на Инстаграм соопшти дека утринава преку видеоврска разговарал со премиерите Еди Рама и Димитар Ковачевски, во врска со претстојниот Самит во Брисел.
„Се договоривме дека по консултации со нашите влади и советници, утре напладне ќе ја објавиме одлуката за тоа дали ќе присуствуваме на овој собир“,
напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој истакна дека во текот на разговорот тие размениле мислења и за идните чекори на иницијативата „Отворен Балкан“ – саем на виното, каде што ќе се соберат најдобрите винари од регионот, како и за наредниот состанок на кој ќе се разгледуваат многубројни прашања од интерес за граѓаните.
„Заедно се бориме за јасна перспектива на Западен Балкан, уште посилна соработка и подобро поврзување“,
истакнал Вучиќ.
Слична објава имаше и премиерот Ковачевски.
„Во пресрет на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан, денес одржавме вонреден состанок на ‘Отворен Балкан’ заедно со моите колеги Александар Вучиќ и Еди Рама. Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи, како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел“,
напиша Ковачевски.
ОБНОВЕНО
И албанскиот премиер попладнево на Твитер има објава во врска со самитот на ЕУ, во која тој е песимист дека ќе има позитивен исход и обвини дека Унијата е киднапирана од Бугарија.
„Денеска нашироко разговаравме со лидерите на Србија и на Северна Македонија за претстојниот Самит на ЕУ. Се чини дека уште едно ‘Не, извинете!’ ќе биде она што ќе го слушнеме на крајот! Целата Унија киднапирана од Бугарија не е добар спектакл за гледање! Што да се прави таму?!“,
напиша Рама на Твитер.
We discussed today at length with Serbia’s and North Macedonia’s leaders about the upcoming EU Summit. It seems that another “No,sorry!” is gonna be what we will hear at the end! The whole Union kidnapped by Bulgaria it is not a good spectacle to watch! What to do there?!
— Edi Rama (@ediramaal) June 21, 2022