Доаѓањето на Пенов на министерската функција ќе биде негово враќање на политичката сцена по повеќе од 10 години. Тој во два мандати беше градоначалник на Скопје, а во минатото ја извршуваше и функцијата пратеник во Собранието
Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека утре до Собранието ќе се испрати предлогот поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, да биде нов министер за локална самоуправа.
„Прво ја пратив оставката на Милевски, а сметам дека утре ќе биде испратена од мојот кабинет номинацијата на господинот Пенов за нов министер за локална самоуправа“,
рече Ковачевски.
Пенов доаѓа како кадар на ЛДП која при распределбата на владиниот колач го доби ова министерско место. Тој на функцијата ќе го наследи актуелниот партиски лидер, Горан Милевски, кој пред неполн месец си поднесе оставка.
Додека во јавноста се шпекулира дека Милевски може да замине и од лидерската позиција, партијата го понуди министерското место на Пенов. Тој на 27 септември за „360 степени“ потврди дека се согласил да раководи со овој ресор, по што на 2 октомври партиските тела на ЛДП ја потврдија неговата номинација која утре Ковачевски и официјално ќе ја испрати до парламентот.
Пред тој да биде изгласан за нов министер, пратениците ќе треба да ја констатираат оставката на Милевски.
Доаѓањето на Пенов на министерската функција ќе биде негово враќање на политичката сцена по повеќе од 10 години. Тој е роден на 28 септември 1957 година во Велес, а првата висока функција што ја извршуваше беше градоначалник на Скопје. На функцијата тој се задржа во два мандата (1996-2000 и 2000-2004), а потоа беше и пратеник, исто така во два мандата. Од партиски функции, пак, беше секретар на Демократската партија до нејзиното спојување со Либералната партија во 1997 г., а потоа беше и потпретседател и претседател на Либерално-демократската партија во периодот од 1999 до 2007 година.