Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации, затоа што ова не е натпревар кога играат Пелистер и Вардар или кога меѓу себе играат МЗТ и Работнички, ова е нашата иднина за што ние денес зборуваме, вели премиерот во врска со инцидентот во Охрид
Насилство од било каков тип не оправдувам и секогаш го осудувам. Исто како што ќе ја осудам и ќе се спротивставам на секоја провокација што доаѓа одвнатре или однадвор, а која ги повредува чувствата на Македонците и буди немир меѓу нашите граѓани. За мене такви провокации се недозволиви. Ова беше одговорот на премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање да даде свој коментар околу инцидентот во кој беше нападнат секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
„Јасно ми е дека има тензија и има многу прашања кои се легитимни во однос на случувањата кои беа минатиот викенд, но и во текот на изминатиот период. Во однос на инцидентот задоволен сум што институциите реагираа брзо и што МВР успеа веднаш да ги пронајде напаѓачите и да постапи соодветно, а верувам дека брзо ќе биде расчистен целиот случај и дека по истиот, согласно пријавите, ќе постапува и Основното јавно обвинителство кое има надлежност во однос на овој случај“,
додаде Ковачевски откако побара новинарите одеднаш да ги постават сите прашања за да може да даде заеднички одговор.
Според него, во однос на ова мора да се остане мирен и разумен, но не треба да бидеме наивни.
„Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации, затоа што ова не е натпревар кога играат Пелистер и Вардар или кога меѓу себе играат МЗТ и Работнички, ова е нашата иднина за што ние денес зборуваме“,
нагласи Ковачевски.
Ковачевски уште еднаш нагласи: „Летово не седев и не преговарав во Брисел, со 27 земји членки на Европската унија, со едно горко чувство какво што го делеа и нашите сограѓани, особено Македонците, во однос на целиот јавен наратив и целата хистерија што беше направена во нашето општество преку провокации кои доаѓаа од внатре, но и од надвор и кога заедно со моите колеги носев одлука за европската иднина на нашата држава“.
Тој нагласи дека ова, како што рече, безмилосно направено насилство влијае врз сето она што е сработено и практично ја киднапира нашата меѓународна и европска политика.
„Да бидам многу јасен. Јас тоа нема да го дозволам. Нема да дозволам да се одвоиме од ЕУ патот на државата и затоа ќе инсистирам овој проблем да се реши на најбрз можен начин. Ние треба да продолжиме на патот во ЕУ. Може да поставиме уште 100 прашања со детали за ова, но најважно е што тие што ги иницирале настаните од минатата недела и оние кои претходеа, не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ. Исто така, треба и опозицијата да се преиспита бидејќи гледавме дека вчера во медиумите имаше многу информации и натписи дека нивни членови и симпатизери се споменуваат дека се поврзани со настаните од минатиот викенд и настаните од пред тоа. Затоа велам дека преку вакви активности нашата најголема опозициска партија се повеќе наликува на продолжена рака на Левица. Нам не ни треба тоа што тие ни го продаваат“,
додаде Ковачевски повторувајќи дека ќе даде се од себе и ќе инсистира на брза и ефикасна институционална реализација и денес и понатаму затоа што мора да се задржиме на својот европски пат.
Во однос на изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, дадена пред шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во Софија, во која вели „тука сум, исто така, за да кажам не на враќањето на тие црни традиции кои историски се поврзани со Македонија на насилство, такви нешта немаат место во Европа и ние сме исклучително загрижени. За жал, работите не одат добро“, Ковачевски посочи одговор да се побара токму од бугарскиот министер.
„Најпрвин, тоа што го кажува министерот за надворешни работи, јас детално ја видов неговата изјава, каде што тој алудира на некои минати времиња. Појаснувањето на таа изјава – на кои времиња точно мисли, ќе мора да даде самиот министер за надворешни работи на Република Бугарија, со оглед на тоа дека во нашата држава на врвно ниво е издигнато владеењето на правото, демократијата и пред секој немил настан институциите реагираат“,
гласеше одговорот на Ковачевски.