„Поважно од сè е со нашите план, акција и решенија да ја поминеме оваа криза! Првенствено со наши сили внатре во земјата. Со наши ресурси, кои ги имаме на располагање во овој момент. И со помош на нашите пријатели!“, рече премиерот
Прво, како што истакна тој, треба да ги подготвиме сите ресурси на државата за максимално, досега, во последните декади, зголемено производство на сопствена енергија
Тешката енергетска криза која зимава ѝ претстои на државата, Владата и надлежните институции ќе ја решаваат пред сè со ставање во полн погон на сопствените домашни енергетски капацитети и ресурси и со помош на пријателски земји, предвидува планот за справување со кризата кој премиерот и претставниците на надлежните институции во детали го презентирале на денешниот Совет за безбедност што се одржа во претседателската вила „Водно“.
Претседателот на државата Стево Пендаровски по кратко обраќање, во кое ги истакна причините за свикувањето на Советот за безбедност и големата важност на темата, му ја препушти говорницата на премиерот Димитар Ковачевски да ги соопшти генералните делови од планот за справување со кризата.
Тој истакна дека имале добар, продуктивен и успешен состанок.
„Ние сме мала земја географски, но сме големи во нашите обиди со знаење подготвеност, акција и со помош на нашите пријатели да ја надминеме оваа ситуација. Ова ќе е најтешката зима во поновата светска историја. Овие разговори не се нималку лесни, но сепак можам да констатирам дека имавме продуктивен, добар и успешен состанок. Оваа горлива тема е во фокус веќе подолго време, кризата трае одамна и од последниот квартал минатата година и ние како влада, како држава преку антикризните мерки ефикасно се справуваме со неа и овозможивме ценовните шокови да се ублажат и за граѓаните и за стопанството. Но во моментов ситуацијата на светско ниво е алармантна, цените на берзите се превисоки, постои реален проблем со недостаток на електрична енергија во Европа. Повеќепати спомнувам, ова ќе е најтешката зима во поновата светска историја“,
рече Ковачевски потенцирајќи дека војната што се води во Украина и која комплетно ги наруши пазарите на снабдување со гас и соодветно на тоа со електрична енергија и други енергенти и суровини.
Тој истакна дека на глобалната тотална криза, пред сè енергетска, воена и прехранбена криза, можеме да влијаеме директно, континуирано, но ограничено.
„Поважно од сè е со нашите план, акција и решенија да ја поминеме оваа криза! Првенствено со наши сили внатре во земјата. Со наши ресурси, кои ги имаме на располагање во овој момент. И со помош на нашите пријатели!“,
рече премиерот.
Прво, како што истакна тој, треба да ги подготвиме сите ресурси на државата за максимално, досега, во последните декади, за зголемено производство на сопствена енергија!
„Планот за производство на ЕСМ, државната компанија за производство на електрична енергија оваа година ќе го зголемиме за 25 %. И реализацијата на планот ќе ја следиме секојдневно. Ќе го следиме спроведувањето на задачите кои се дадени на ЕСМ компанијата и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК ‘Битола’, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ ‘Неготино’, работата на хидроцентралите и многу важно користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје и пред се и за време и по грејната сезона како и користење на сите обновливи извори на енергија на сонце, ветер и вода“,
истакна Ковачевски.
Целта е, потенцира премиерот, во најтешкиот период за нас кој започнува на 1 октомври до април идната година и понатаму до почетокот на летото на сите македонски граѓани дома на сите ученици и студенти, на сите микро, мали и средни бизниси да им се обезбеди најниска можна цена на електрична енергија, најниска можна цена и непречено снабдување со топлинска енергија, воопшто енергија за нивните потреби.
„За средниот и големиот бизнис, како што беше побарано од стопанските комори, сегашните домашни повластени производители на струја, ќе продолжат да работат за истата пониска тарифа за слободниот пазар, цена која е далеку пониска од берзантските цени кои се во постојан раст заради недостатокот на електрична енергија на европскиот континент“,
рече премиерот.
За да имаме целосно достапна енергија, по цени како сегашните, премиерот посочи дека се обезбедени директни субвенции за сите граѓани од Буџетот преку кои се субвенционира цената на електрична енергија која се испорачува до дистрибутерот на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
Следната цел, според планот за справување со кризата, е преку преземање на работењето на БЕГ и на другите капацитети потребни за обезбедување топлинска енергија од страна на ЕСМ да се обезбеди непречено со топлинска енергија за 55 000 домаќинства на Град Скопје.
За бизнисот, односно компаниите целта, како што истакна Ковачевски, е да се обезбеди цена на електричната енергија по цена која е пониска од берзанската цена и кои би биле издржливи за бизнисот.
„Не само заради бизнисот, туку најмногу заради задржување на работните места, а тие значат задржување на семејствата, на производот, на нашата економија и држава“,
рече премиерот додавајќи дека затоа бил во Белград и во Софија.
Тој во своето излагање на планот ги посочи задачите што им се дадени на соодветните компании, министерствата, институциите во енергетскиот сектор.
„Обезбедување јаглен потребен за производство на електрична енергија во РЕК ‘Битола’ и ‘Осломеј’, Обезбедување на мазут, потребен за производство на електрична енергија во ТЕЦ ‘Неготино’ и потребен за производствениот процес во РЕК ‘Битола’ и ‘Осломеј’. Обезбедување гас потребен за производство на електрична енергија во ТЕ-ТО и во централата ‘Когел’ во сопственост на ЕСМ. Обезбедување дизел-гориво и обезбедување дополнителна електрична енергија. Во најтешката криза по Втората светска војна, нашата основна цел е државата, граѓаните и бизнисот да се задржат да функционираат и да растат. Ова е ужасно тешка ситуација. Но, нема предавање, и јас немам намера тоа да го правам. Овие есен, зима, следната пролет се најтешките во повоената македонска држава и ние тоа ќе го издржиме и пребродиме заедно“,
рече Ковачевски.
Премиерот соопшти и дека веќе се работи за нов енергетски план за следната пролет, и дополнително на план за максимално зголемување на домашното производство на храна.
„За сето ова го информирав Советот за безбедност во многу поголеми детали. За овој план, кој го заокруживме со многу месеци домашна подготовка, и со поддршка од нашите регионални, европски и меѓународни сојузници, план којшто ги има следните цели: Сите македонски граѓани и домаќинства да имаат целосна, достапна и одржлива електрична и топлинска енергија! Сите македонски граѓани и домаќинства да имаат целосно, достапно и одржливо снабдување со храна! Сите македонски компании да имаат целосна, достапна и одржлива електрична и топлинска енергија, по цени пониски цена од берзанската! Владата останува целосно посветена, низ внатрешен, регионален и меѓународен дијалог да ги подобри уште повеќе перформансите на домашното производство и екстерната оптимална поддршка!“,
истакна Ковачевски.
Тој рече дека се бара и штедење на енергијата од сите граѓани и бизнисот, а прва како пример ќе бидат Владата, владините и јавните институции, согласно објавениот план за штедење од 1 септември.
„За ова што се случува, се подготвувавме, и сме подготвени. За сите дома, со јасен план за пребродување на оваа зима сè до април 2023 година. Дали постојат ризици – да, постојат ризици. Непредвидени испади на термоблоковите во Битола и Осломеј поради апсолутната застареност на опремата кои се постари од 40 и 50 години. Непредвидливи ризици во цената на природен гас и електрична енергија до ниво на неиздржливост на цените во светски рамки. Евентуални забрани за извоз на природен гас и други енергенси и суровини за производство на електрична енергија и поради тоа имаме мноштво состаноци како внатре во земјата така и во соседните земји каде што има електрична енергија, како на пример во Бугарија, која произведува базна енергија за регионот и исто така со Грција, која е практично логистичкиот центар на Балканскиот Полуостров. Оваа зима мора да ја издржиме и да успееме и на пролет на зборуваме за нови успеси“,
заклучи Ковачевски.