Барање на стопанските комори беше да се стави во функција гасната централа „ТЕ-ТО“ во Скопје. Таа е во приватна сопственост и Министерството за економија веќе разговара со сопствениците на „ТЕ-ТО“ и цената по која ќе биде преземена електричната енергија да биде под берзанските цени кои владеат во моментот, вели премиерот Ковачевски
Годинава државава планира да произведе за 25 отсто повеќе електрична енергија во споредба со претходната, како дел од антикризните мерки на Владата за справување со енергетската криза.
„За оваа година производството е проектирано да биде 25 отсто поголемо во однос на минатата година и тоа се капацитети со кои располага Северна Македонија. Тоа се РЕК Битола, Осломеј, ТЕЦ Неготино, централата во рамки на ЕСМ и хидропотенцијалите, хидроелектраните со кои располага државата и обновливите извори на енергија“,
рече премиерот Ковачевсаки, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека државата интервенира со финансиски средства за набавка на суровини за производство на електрична енергија, поради зголемувањето на цената на јагленот која беше 43 евра за тон, а сега е до 93 евра.
„ЕСМ ги снабдува сите потреби без увоз на домашниот регулиран пазар, тоа значи за сите домаќинства и за сите мали потрошувачи. Седумдесет и две илјади компании во државата, кои се мали потрошувачи се снабдуваат на регулираниот пазар каде што електричната енергија е субвенционирана од страна на државата во износ од 80 отсто“,
рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека по разговорите со стопанските комори ќе бидат овозможени дополнителни количини на електрична енергија, кои ќе бидат под пазарните цени кои важат на берзата. Со прогласувањето на кризната состојбата на компаниите ќе им биде овозможено електрична енергија од обновливи извори, како и претходно, да биде наменета не за регулираниот пазар туку за компаниите на отворениот пазар, со што ќе добијат електрична енергија, која е под пазарната цена.
„Второ барање беше да се стави во функција гасната централа „ТЕ-ТО“ во Скопје. Таа е во приватна сопственост и Министерството за економија веќе разговара со сопствениците на „ТЕ-ТО“ и второ цената по која ќе биде преземена електричната енергија да биде под берзанските цени кои владеат во моментот“,
објасни Ковачевски кој додаде дека и денешната претстојна посета на Бугарија е за обезбедување непречено функционирање на меѓународниот проток на електрична енергија преку овој сосед и за обезбедување на недостатоци на електрична енергија доколку се појават во текот на зимата.
Тој потенцираше дека енергетската криза е предизвик за сите земји од регионот од кои најголемиот дел имаат производствени капацитети стари 40, па и повеќе години.
„Веќе имаме една земја во соседството која што од 5 до 9 часа дневно има рестрикции на електрична енергија. Затоа што во регионот производствените капацитети со кои располагаат државите кои произлегоа од поранешна Југославија се од тоа време. Сите капацитети се стари по 40 и повеќе години. Сите инженери во ЕСМ се ангажирани да се обезбеди нивно непречено работење. Веќе се комплетира и пуштањето на третиот блок на РЕК Битола“,
рече премиерот, одговарајќи на новинарско прашање.