Ковачевски се согласи дека можело да се направи повеќе за да се продолжи животот на Илиевски, но не било направено поради, како што истакна, комплицираната и неверојатна бирократија поради која нашата земја пати 30 години
Јас денеска сум станат веројатно најрано откако сум вработен во изминатите 23 години, зашто што денес за мене е тажен ден, не само за семејството на Благојче туку и за целата земја, изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање зошто државата дозволи Благојче Илиевски да почине од цистична фиброза чекајќи го лекот „трикафта“.

Ковачевски се согласи дека можело да се направи повеќе за да се продолжи животот на Илиевски, но не било направено поради, како што истакна, комплицираната и неверојатна бирократија поради која нашата земја пати 30 години.
„Можевме да направиме повеќе за да му го продолжиме животот. Иако од информациите што ги имав од разговорите со директорите на соодветните клиники, врвни експерти, дознав дека има пациенти во тешка состојба на кои можеби лекот ‘трикафта’ нема целосно да им помогне, но секако тоа нема никако да го тргне чувството на тага и гнев дека имало и најмала шанса да направиме нешто за Благојче. Зошто не направивме, зошто се оддолжи сè откако ветивме, откако правните и експертските тимови седнаа заедно да најдат решение. Тоа е поради истите причини поради кои нашата земја пати 30 години – коплицираната и неверојатна бирократија. Бирократија која стравотно размислува зошто нешто не може да се направи, бирократија која речиси никогаш не размислува зошто нешто треба да се направи, бирократија која нема ништо против да почека луѓето да страдаат. Но, бирократијата не се луѓе од друга планета, бирократија сме сите ние и редно време е да се соочиме со тоа. Така функционира нашата држава, поточно, така не функционира нашата држава“,
рече Ковачевски, што предизвика доза на револт кај новинарите, кои реагираа зошто премиерот ја префрла вината врз сите, на што тој одговори дека не го употребил второто лице множина „вие“, туку рекол „ние“.
Тој посочи дека првите со кои разговарал во најранобудниот ден во неговата професионална кариера биле министерот за здравство Беким Сали, директорот на Фондот за здравствено осигурување Магдалена Филиповска-Грашкоска и со министерот за финансии Фатмир Бесими.
На министерот за здравство, како што посочи, премиерот му кажал дека за него ситуацијата со пациентите со цистична фиброза, особено со смртта на Благојче Илиевски, е неприфатлива и побарал од него да каже дали може да го продолжи својот мандат.
„Тоа беа нивните први денешни разговори што ги имаа. Ги замолив, посебно министерот за здравство да размисли и да ми каже дали може да го продолжи својот мандат. Јас мојата одлука за кадровските прашања ќе ја донесам после тоа“,
изјави Ковачевски.
Премиерот категорично истакна дека тој повеќе нема да чека на бирократските лавиринти за да преземе нешто и соопшти дека го задолжил Фондот за здравство веднаш да се одвојат средства за набавка на терапијата за критичните пациенти согласно барањата на Детската клиника.
„Очекувам лекот да биде обезбеден исклучително брзо, МАЛМЕД брзо да го регистрира, а Бирото за јавни набавки има задача да ги обезбеди сите документи за интервентен увоз, бидејќи лекот го произведува еден производител. Не може да се чека на бесконечни тендери кога се работи за лек што го произведува еден производите. Јас лично сум бил изложен на двапати во животот за блиски членови на семејството на истата таа бирократија и само благодарение на стручноста на лекарите што ги имаме сите сме на број дома. Но поради таа бирократија сум морал да одам во Швајцарија да купам лек“,
рече Ковачевски, притоа потенцирајќи дека нема никаква намера да прави пи-ар од целата ситуација.
Тој најави дека денеска ќе има состанок со пациентите од Асоцијацијата за цистична фиброза чии членови ќе бидат известени за мерките што се преземаат за обезбедување на неопходната терапија.
„Надлежните денеска ќе седнат и нема да станат додека не се сменат законите за набавка на лекови од производител што има патент, а не да се прават профити од маржи. Смртта е нешто што е неизбежно и тоа е надвор од наша контрола, но јас верувам дека државата мора да преземе поголема одговорност и да го спречи непотребното страдање на кој било во државата. Јас сакам да живеам во таква Македонија. Затоа утрово станав многу рано ги разбудив сите одговорни и затоа се носат одлуките за набавка на овој лек“,
рече Ковачевски и повторно нагласи дека од оваа работа не прави пи-ар бидејќи и самиот поминал низ тешка борба со бирократскиот систем.