Ковачевски рече дека со дел од коалициските партнери веќе се почнати разговорите за широк европски фронт, а како што одминува времето рече дека тие ќе се интензивираат во однос на настапот на изборите

Премиерот Димитар Ковачевски ги повика сите политички партии, согласно Законот за Владата и Изборниот законик, да ги исполнат своите обврски за учество во техничката влада, за да, како што вели, не се остава никаква дамка на изборниот процес.
„Централниот одбор на СДСМ вчера ги донесе сите потребни одлуки за учество во техничката влада, веќе ги дефиниравме согласно Статутот нашите предлози за министри, за заменици-министри, за дополнителни заменици-министри во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Нашиот координатор на пратеничката група официјално вчера беше промовиран во кандидат за претседател на Собранието и со тоа СДСМ го заврши делот од процедурата пред да влеземе во Собрание на гласање за техничката влада“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на затворениот базен во Струга.
На прашањето што доколку ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не биде дел од техничката влада, Ковачевски рече дека тоа е законска обврска.
„Тоа е исто како мене да ме прашате дали ќе поднесам оставка на 100 дена пред изборите, а јас да ви кажам, не, ќе поднесам на 96. Тоа е непочитување на закон“,
рече Ковачевски.
Ковачевски рече дека со дел од коалициските партнери веќе се почнати разговорите за широк европски фронт, а како што одминува времето рече дека тие ќе се интензивираат во однос на настапот на изборите.
Околу средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за утврдување на составот на техничката влада, Ковачевски рече дека кога ќе биде закажана од страна на кабинетите ќе биде објавено.
Владејачкиот СДСМ синоќа на седница на Централниот одбор (ЦО) ги утврди кандидатите за министри, заменик-министри и дополнителни заменик-министри од редовите на партијата во техничката влада со која, на сто дена пред парламентарните избори, ќе раководи актуелниот собраниски спикер Талат Џафери.
Лидерите на парламентарните партии се договорија првиот круг од трката за шеф на државата да се одржи на 24 април, а вториот круг да биде заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Техничка влада ќе има од 28 јануари, а обврска на премиерот е тој да поднесе оставка сто дена пред изборите.