„Ова е успех на институциите, на сите што веруваа дека природата заслужува заштита, но и на бројните граѓани, планинари, научници, здруженија и љубители на Шар Планина кои низ годините ја поддржуваа оваа заложба“, велат од Националниот парк „Шар Планина“

Од Националниот парк „Шар Планина“ информираа дека во тек е сложена операција за демонтажа на цевководите на две мали хидроцентрали што беа поставени во месноста Долна Лешница.
Велат дека ова е значаен чекор за иднината на Шар Планина, а веста решиле да ја споделат токму на Светскиот ден за заштита на природата. Порачаа дека таа не се чува само со зборови, туку со дела, знаење, истрајност и со храброст да се донесат одлуки во нејзин интерес.

„Во координација со надлежните државни институции, во тек е сложена операција за демонтажа и изнесување на цевководите од малите хидроцентрали ‘Пена 84’ и ‘Пена 85’ во долината на Лешница. Многу планинари, љубители на природата и посетители кои во изминатите три недели ја посетија Лешница беа сведоци дека на терен се работи. Денес, на овој симболичен ден, сакаме официјално да споделиме дека започна првиот чекор кон враќање на природата во нејзината првобитна состојба. Ова не е случаен настан. Ова е резултат на долг и посветен институционален процес, во кој ЈУ НП ‘Шар Планина’ доследно ги застапуваше стручните, законските и природозаштитните аргументи пред сите надлежни институции, со јасна цел – заштита на долината на Лешница и зачувување на природните вредности на Шар Планина. Нашите ставови отсекогаш беа јасни и засновани на законската рамка и на стручните документи“,
велат од Националниот парк.
Од Националниот парк потенцираат дека планот за управување со паркот јасно утврдува дека изградба на нови хидроелектрани не е дозволено во ниту една зона на заштита, бидејќи тие претставуваат една од најзначајните закани за природните вредности и за речните екосистеми.

„Долината на Лешница е подрачје со исклучителни природни вредности, дел од идната Natura 2000 мрежа и Emerald подрачје, чија заштита претставува и национална и меѓународна обврска. Истовремено, Националниот парк побара враќање на реката Пена во нејзината природна состојба, што подразбира целосна демонтажа на поставените цевководи, нивно изнесување надвор од границите на Националниот парк, отстранување на бетонските конструкции и постепена обнова на природниот речен екосистем. Ова е успех на институциите, на сите што веруваа дека природата заслужува заштита, но и на бројните граѓани, планинари, научници, здруженија и љубители на Шар Планина кои низ годините ја поддржуваа оваа заложба“,
потенцираат оттаму.
Сепак од Националниот парк „Шар Планина“ велат дека нивната работа сè уште не е завршена. Како што посочуваат, останува да се изврши целосно отстранување и на последната цевка и конечно враќање на Лешница таму каде што припаѓа – на природата. Сметаат дека со ова не се одбележува само датум, туку се одбележува почеток на враќањето на природата во нејзината изворна состојба.

Месноста Лешница се наоѓа во срцето на Шар Планина и е надалеку позната и почитувана особено меѓу планинарите од целиот Балкан. На ова место беа изградени две мали хидроцентрали на што негодуваа планинари, љубители на природата и експерти.

Сега најмладиот национален парк во државата ја доби институционалната битка и најавува демонтирање и целосно отстранување и на последните парчиња бетон и железо од убавата Лешница.
