Ги известуваме граѓаните дека водата од јавниот водовод може слободно да се користи за пиење, подготовка на храна и за сите останати потреби во домаќинствата, без потреба од дополнителни мерки или ограничувања, велат од Општина Крушево

Водата во Крушево е исправна за пиење, соопшти локалната власт. Ова доаѓа откако три последователни лабораториски испитувања покажале дека водата од градскиот водовод ги исполнува сите законски пропишани параметри за квалитет и е здравствено исправна и безбедна за пиење.
Од Општина Крушево потврдуваат дека причината за забраната бил прекинoт на струја, порaди што, не можело да се врши хлорирање на водата.
„Причината за привременото отстапување во квалитетот на водата беше технички прекин во функционирањето на системот за хлорирање, предизвикан од прекин во снабдувањето со електрична енергија. Веднаш по отстранувањето на дефектот беа преземени сите неопходни мерки за нормализирање на процесот на хлорирање и континуирано беа спроведувани контроли на квалитетот на водата. Ги известуваме граѓаните дека водата од јавниот водовод во Општина Крушево може слободно да се користи за пиење, подготовка на храна и за сите останати потреби во домаќинствата, без потреба од дополнителни мерки или ограничувања“,
се вели во соопштението.
Оттаму споделија и записник на Агенцијата на храна и ветеринарство кој го потврдува истото.


Дополнуваат и дека заедно со Јавното комунално претпријатие ќе продолжат со редовен мониторинг на системот за водоснабдување, како и со континуираната соработка со Центарот за јавно здравје –Прилеп.
Претходно, на 23 јули, Центарот за јавно здравје-Прилеп соопшти дека водата од градскиот водовод на Крушево не треба да се користи за пиење бидејќи е бактериолошки неисправна.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во својство на раководител на Главниот штаб за управување со кризи вчера кажа дека случајот со водата во Крушево е неспоредлив со оној во Гостивар.
