Денеска, пишува премиерот во фејсбук-честитката, ги чествуваме двата Илиндена 1903 и 1944 година, темели на македонската држава, македонскиот јазик и идентитет и изразуваме вечна благодарност кон илинденците и асномците за нивната заложба и визија за современа, суверена, независна, модерна држава
Илинден е нашата гордост, нашиот патоказ. Илинден е нашата сила за иднината, порача утринава премиерот Димитар Ковачевски преку фејсбук-честитка по повод 2 Август – Илинден.
„Нека ни е честит и долговечен Илинден – Денот на Републиката. Да го празнуваме во слога и обединетост“,
се наведува во честитката на Ковачевски.
Денеска, пишува премиерот во честитката, ги чествуваме двата Илиндена 1903 и 1944 година, темели на македонската држава, македонскиот јазик и идентитет и изразуваме вечна благодарност кон илинденците и асномците за нивната заложба и визија за современа, суверена, независна, модерна држава.
Денеска, на 2 Август – Денот на Републиакта се одбележуваат 119 години од Крушевската република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ.Со Илинденското востание и Крушевската република во 1903, а потоа и на вториот Илинден – Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.
Годинава 2 Август се одбележува под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината“. По тој повод, шефот на државата, и делегации на Собранието и на Владата, ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.
Оваа година, претседателот Стево Пендаровски по 18 години ќе ја предводи државнo-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде ќе се одржи и заедничка литургија по повод верскиот празник Св. Илија, а ќе сослужуваат владици на МПЦ-ОА и СПЦ.
Премиерот Димитар Ковачевски, предводејќи висока владина делегација, со државни почести и чествувања ќе го одбележи Илинден во Крушево. Во состав на владината делегација ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министрите за култура и за внатрешни работи, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Оливер Спасовски.
Пред Меморијалниот центар во Пелинце, пак, во чест на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, пред споменикот на АСНОМ, претседателот на Собранието, Талат Џафери во 10:00 часот ќе положени цвеќе.
По повод Илинден, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, ќе го посети струшкото село Ташмаруништа, каде во 10 часот предвидено е да одржи и говор пред присутните.