На констатацијата дека и со постојниот закон се овозможува правна рамка за проверка на работата, премиерот посочи дека за тие здруженија што се веќе регистрирани треба да реагираат институциите што се задолжени да ја проверат ја проверат регулативата визави тоа што е во пракса. На прашањето дали тука мисли на обвинителство, тој одговори „точно нотирате“
Не само владата туку и другите институции треба да постапат, смета премиерот Димитар Ковачевски кој вечерва во гостувањето на ТВ 24 коментираше за формирањето бугарски здруженија во земјава со имиња на контроверзни личности од историјата, соработници на фашизмот.
Околу информациите дека по клубот „Цар Борис Трети“ кој беше отворен во Охрид, и во Богданци се поднесени документи за регистрација на здружение со името „Цар Фердинанд“, премиерот рече дека Централниот регистар ќе ја разгледува документацијата.
„Имам информации од Централниот регистар дека тие ја разгледуваат документацијата. Заради очигледната намера на граѓани да формираат такви здруженија кои ги нарушуваат чувствата кај нас внатре и односите со друга држава, формиравме тело кое треба да оцени дали одредено име може да биде користено и сметам дека Централниот регистар во овој случај треба да се обрати“,
рече Ковачевски алудирајќи на ад-хок телото што беше формирано во Министерството за правда за оваа намена.
Ова тело беше формирано како привремено решение додека да се изготви и изгласа новиот закон за здруженија и граѓански организации, за којшто премиерот повика на соработка помеѓу Министерството за правда и политичките партии.
„Во последниот случај треба да постапи и Централниот регистар во комуникација со Министерството за правда и телото кое е формирано за таа намена. И Министерството за правда заедно со партиите да го забрза изготвувањето на новиот закон за граѓански здруженија“,
рече Ковачевски.
Тој рече дека за изработката на новиот закон, му сугерирал на министерот за правда Никола Тупанчески да го земе како пример германското законодавство кое во овој сегмент е поригорозно, но и со оглед на тоа што Германија е една од носечките држави во ЕУ по економските перформански, по владеењето на правото и по организирањето на внатрешниот систем.
На констатацијата дека и со постојниот закон се овозможува правна рамка за проверка на работата, премиерот посочи дека за тие здруженија што се веќе регистрирани треба да реагираат институциите што се задолжени да ја проверат ја проверат регулативата визави тоа што е во пракса.
На прашањето дали тука мисли на обвинителство и судската власт, Ковачевски одговори:
„Тие кои се задолжени, и вие точно ги нотирате, за да проверат дали одредено однесување е во согласност со законските регулативи со оглед дека кај вас (на телевизија) експерти кажувале дека сегашната регулатива нуди можност за регулација во тој дел“.
Околу тоа која е целта на формирањето вакви здруженија, премиерот тврди дека станува збор за финансиски интерес и предизвикување нетрпение помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Финансиски интерес и предизвикување на нетрпение помеѓу двете држави. Тоа се случува изминатите години во односите помеѓу двете држави и затоа сметам дека на тоа треба да се стави крај со оглед дека не треба сите граѓани да бидат заложници на оние кои сакаат да ги нарушат односите внатре во општество и надвор со соседна држава“,
рече Ковачевски.