Премиерот Донев во телефонскиот разговор повторно потсетил на очекувањата од Бугарија – Република Северна Македонија да ги преземе неопходните активности за ставање крај на говорот на омраза и злосторствата, како и за почитување на правата на македонските Бугари
Бугарскиот и македонскиот премиер, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, остварија телефонски разговор во кој зборуваа за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на големиот револуционер Гоце Делчев да се одвиваат непречено, информираа од прес-службата на бугарската влада.
Во таа насока в понеделник, на 30 јануари, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и претседателот на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС), Пламен Тончев, ќе остварат работна средба со своите колеги во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за обезбедување мирна и безбедна средина за прославата на 4 февруари.
„Премиерите Донев и Ковачевски разговараа и за придобивките од подлабоката соработка меѓу двете земји во областа на безбедноста, особено во случаите на криминални дејствија или закани врз граѓани на Република Северна Македонија со бугарски идентитет“,
соопштија од бугарската влада.
Премиерот Донев во телефонскиот разговор повторно потсетил на очекувањата од Бугарија – Република Северна Македонија да ги преземе неопходните активности за ставање крај на говорот на омраза и злосторствата, како и за почитување на правата на македонските Бугари.
Во меѓувреме, на прашање на „360 степени“ дали и македонската Влада ќе излезе со соопштение по однос на телефонскиот разговор кој го оствариле Ковачевски и Донев, оттaму во кус допис одговорија оти засега нема соопштение, и додадоа:
„Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски има редовна комуникација со својот бугарски колега, Галаб Донев.“