Во врска со одбележувањето на 4 февруари во Скопје, денот на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, министерот рече дека МВР и агенциите имаат секојдневни активности и дека се формира посебен штаб за оваа активност
Министерот за внатрешни работи за последниот случај во Охрид смета дека тоа е сценарио и дел од хибридната војна и дека од иста групација се и тие што тепаат и тие што се тепани
Апсолутно како МВР нема да дозволам понижување на македонскиот народ и држава, најмалку да нè понижи некој што доаѓа од надвор. Ние сме народ кој е гостопримлив, кој знае да укаже чест и почит, но тие чест и почит мора да ни бидат возвратени. Нема да дозволиме дома некој да ни дојде за да нè понижува. Во тој дел институциите работат и прибираат информации, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Утрински печат“.
Во врска со одбележувањето на 4 февруари во Скопје, денот на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, министерот рече дека имаат секојдневни активности МВР и агенциите и дека се формира посебен штаб за оваа активност. Спасовски е уверен дека нема да биде многу голем бројот на оние што се организираат и сакаат да дојдат бидејќи, како што посочи, граѓаните не се расположени за конфликти, сакаат стабилизација и напредок.
Спасовски: Нема потреба од блокади
Граѓани на социјалните мрежи од вчера се организираат за блокади на патиштата со цел да ги спречат бугарските државјани, кои најавија дека доаѓаат во Скопје на 4 февруари за одбележување на годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.
Освен најави за „ноќна стража“ од 3 февруари пред црквата „Свети Спас“, каде што се наоѓа гробот на Делчев, во повик кој се шири на Фејсбук се повикува и на блокада на патиштата.
Министерот Спасовски посочи дека нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи, затоа што, како што нагласи, тука се институциите на системот.
„Апелирам до сите на едно мирно, достоинствено чествување, а државата, МВР и безбедносните служби се тука да направат сè и да обезбедат мирни услови“,
потенцира Спасовски во емисијата „Утрински печат“.
Дали Џамбаски ќе биде прогласен за персона нон грата
За тоа дали европратеникот Ангел Џамбаски ќе биде прогласен за персона нон грата, Спасовски рече дека ќе ја носат одлуката кога ќе дојде време за тоа.
„Одлуките не се прејудицираат, посебно во делот на безбедноста. Не може да ги кажете плановите и да излезе во јавност и така да се отвориме пред сите. Тоа можат да го прават неодговорни политичари. Институциите ќе работат сериозно врз основа на сите сознанија, ќе бидат вклучени сите сектори задолжени во овој дел за на крајот да ја постигнеме целта, а тоа да биде со мир, стабилност и безбедност за нашите граѓани и држава“,
рече Спасовски.
„Луѓе од иста групација се и тие што тепаат и тие што се тепани“
Министерот за внатрешни работи за последниот случај во Охрид смета дека тоа е сценарио и дел од хибридната војна и дека од иста групација се и тие што тепаат и тие што се тепани.
„Луѓе од иста групација се и тие што тепаат и тие што се тепани. Тоа ја докажува таа хибридна војна. За секое инкриминирачко дејство што се прави државата реагира во овој дел и ние кажуваме дека не може во ниту еден момент, ниту еден граѓанин, без разлика на национална, верска, политичка и која било друга припадност, да биде физички нападнат и да биде малтретиран. На тоа државата јасно ќе се спротивстави и ќе преземе мерки какви што презема и во овој случај“,
рече Спасовски.
Тој посочи дека за овој случај се шират многу лажни вести кои се вели дека полицијата не реагирала кога било пријавено.
„Веднаш откако е пријавено, полицијата отиде во болница да види што се случува, да земе изјави итн. Исто и од страна на болничките центри се преземени мерки за првично згрижување на пациентот“,
изјави првиот човек на МВР.