Аудиоматеријалите што Антонијо Милошоски ги достави до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, а во кои се слуша како Заев зборува за судски одлуки, не го компромитираат ниту него ниту партијата, изјави Костадин Костадинов од СДСМ на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој го обвини Милошоски за ширење лажни вести, а со тоа што ги доставил материјалите во ОЈО вели се покажувала независноста на институциите.
„Имавме можност да ги слушнеме материјалите со кои располага Милошоски и апсолутно не станува збор за никаков момент во кој може да се компромитира ниту партијата ниту нејзиниот претседател Зоран Заев. Во таа смисла, добро е што Милошоски ги поднесува материјалите во Обвинителството, тоа е и разликата, затоа што за 11 години сите бевме свесни како функционираа институциите. Сега има можност да ги поднесе и Обвинителството да си постапува растоварено од какви било политички влијанија“,
изјави Костадинов.
Тој порача дека со носењето на Законот за јавно обвинителство е убеден дека ќе има разрешница за случаите во кои се обвинети функционери на ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе сносат одговорност.
Претходно, пак, коментирајќи ги материјалите што во два наврати ги достави до обвинителството Антонијо Милошоски, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски повика на марш вечерва во 18 часот од зградата на ОЈО до Врховниот суд. Мицкоски ги повика да се придружат сите партии кои, како што рече, во минатото се залагале за ветинг во судството.