Покрај енергетиката, тема на разговор на Фон дер Лајен со косовските власти беше и прашањето за визна либерализација за Косово, на што шефицата на ЕК кажа оти Косово заслужува безвизен режим и дека е потребна интензивна работа во тој поглед
Се очекува Европската Унија да додели 75 милиони евра итна помош за Косово за справување со енергетста криза, објави денеска шефицата на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен за време на посетата во Приштина, јави РСЕ.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
„Ќе ги завршиме сите потребни процедури до крајот на годината за да ги добиете средствата во јануари“,
рече Фон дер Лајен на заедничката конференција по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи.
Претседателката на Косово Вјоса Османи, заблагодарувајќи се на поддршката на ЕУ, рече дека е од големо значење што ЕУ го поддржува Косово во справувањето со кризи, како што е енергетската криза.
Покрај поддршката во енергетскиот сектор, Фон дер Лајен истакна дека се очекува уште една инвестиција од 500 милиони евра за целиот регион на Западен Балкан.
„Сакаме да ви помогнеме во вашата енергетска независност. Нашиот пристап е дека ќе обезбедиме силна поддршка за изградба на нови капацитети, за замена на јагленот со обновлива енергија“,
рече шефицата на Европската комисија.
Покрај енергетиката, тема на разговор на Фон дер Лајен со косовските власти беше и прашањето за визна либерализација за Косово.
„Дојде време ЕУ да преземе конкретна акција за интеграција на демократските земји од Западен Балкан. Ова, секако, е за земјите кои сакаат да преземат сериозни чекори кон европската интеграција. Иако сме на прво место во Европа и на второ место во светот по реформите во областа на владеење на правото, косовските граѓани остануваат изолирани во срцето на Европа“,
рече претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Шефицата на ЕК на ова одговори оти Косово заслужува безвизен режим и дека има сојузници во тој поглед.
„Сега наша задача е да ги убедиме сите земји од Европскиот совет да ја одобрат визната либерализација за Косово. Многу членки на Европскиот совет се на ваша страна и добро е што дискусијата почна. Ќе работиме интензивно со чешкото претседателство. Треба голем дипломатски напор и работа“,
додаде Лајен.
Европската комисија, предводена од Фон дер Лајен, досега двапати препорача Косово да добие визна либерализација. Сепак, некои земји се уште се скептични за ова прашање и поставија некои нови услови за Косово во однос на визната либерализација.
По посетата на Северна Македонија и Косово, претседателката на Европската комисија ќе замине во Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.