На средбата бил потврден напредокот на земјава во спроведувањето на клучните реформи, врз основа на кои и беа одобрени 142,1 милиони евра во рамките на Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан

Напредокот на земјата на патот кон членство во Европската Унија била темата за која разговарале претседателот на Собранието Африм Гаши и еврокомесарката за проширување Марта Кос, во рамки на нејзината еднодневна посета на земјата. На средбата, на која присуствувале и пратенички од власта и опозицијата, како и генералниот секретар на Собранието, акцентот бил ставен на спроведувањето на Реформската агенда.
Во текот на средбата бил потврден напредокот на земјава во спроведувањето на клучните реформи, врз основа на кои и беа одобрени 142,1 милиони евра во рамките на Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
Гаши изразил благодарност за овој план потенцирајќи го како значаен инструмент што ќе донесе забрзан економски и социјален развој, не само за земјата туку и за целиот регион.
За време на разговорите била нагласена важноста на внатрешните политички процеси и обезбедување широка меѓупартиска поддршка за спроведувањето на реформите поврзани со процесот на европска интеграција.
Соговорниците ја оцениле посетата на еврокомесарката за проширување како силна потврда на континуираната поддршка на Европската Унија за европската перспектива на Република Северна Македонија, како и дополнително охрабрување за продолжување на реформскиот процес и спроведувањето на клучните реформи.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска имаше средба и со премиерот Христијан Мицкоски. На прес-конференција по средбата, таа рече дека земјата има место во Европската Унија, но уставните измени се неопходни, а самото проширување не е засновано на гаранции што се даваат однапред.
Таа ја пофали Владата за охрабрувачки напредок во Реформската агенда уште од почетокот на годината и кажа дека токму затоа добива дополнителни средства. Откако земјата би станала полноправна членка на Унијата, би добила и многу повеќе од тоа, рече Кос. Сепак, потсети дека останува обврската за промена на Уставот.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека Владата покажала оти заложбата за реформи не е декларативна и кажа дека ја цени стручната и финансиска помош од Европската Комисија што придонесува реформите да се реализираат побрзо и поквалитетно. Но, тој очекува интеграцијата да не е оптоварена со, како што рече, билатерални прашања.
