Првиот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ доби медицинско ослободување од вакцинација против коронавирусот за да игра на првиот Грен слем сезонава, Австралија опен, што предизвика гнев кај некои Австралијци, но и политичка кавга. Би-би-си на српски јазик потсетува што всушност велеше тој за вакцините.
Ѓоковиќ сѐ уште не објави дали е вакциниран против коронавирусот, но претходно отворено покажа отпор кон вакцините.
Во април 2020 година, долго пред да бидат достапни вакцините против коронавирусот, Ѓоковиќ рече дека не е за вакцинација, но ќе размисли за тоа.
„Не сум прв за вакцини, нема да се вакцинирам. Ако е задолжително, ќе треба да размислам… Стојам зад тоа, но не знам дали тоа ќе се промени ако значи дали ќе можам да патувам“,
рече тогаш популарниот Ноле.
Подоцна го појасни својот став наведувајќи дека не е „никаков експерт“ и дека ќе биде „со отворен ум“, но нагласи дека сака да има „опција да избере што е најдобро за своето тело“.
Тој на Фејсбук за време на пренос во живо објасни дека „не би сакал некој да го присилува да ја прими вакцината“ како услов за да патува или да се натпреварува на турнири. Додаде дека секогаш бара начини да го зајакне метаболизмот за да биде во најдобра форма за да се одбрани од вирус како што е ковид-19.
Во Србија, каде што се проценува дека повеќе од половина од населението е целосно вакцинирано против коронавирусот, неговите коментари беа критикувани од епидемиологот Предраг Кон.
Кон, кој е член на Кризниот штаб за борба против коронавирусот, му порача на Ѓоковиќ да избегнува да зборува за вакцинација.
„Како еден од најверните фанови на Ѓоковиќ, би сакал да имам можност да му објаснам за важноста и за огромниот придонес на имунизациите за здравјето на населението. Сега е доцна, создаде погрешни верувања и веќе нема помош за тоа. Мајсторе, ти посакувам сѐ најдобро. Обиди се во иднина да избегнете директни одговори на прашањата за вакцинирање бидејќи имаш огромно влијание“,
му порача Кон преку својот фејсбук-профил.
Науката е под знак прашалник
Тениската ѕвезда има репутација кога станува збор за сомнителни научни тврдења.
Во неговата книга „Сервирај за победа“, Ѓоковиќ опиша како во 2010 година запознал нутриционист кој го замолил да држи парче леб во левата рака додека тој ја притискал десната. Ѓоковиќ тврди дека бил многу послаб додека држел леб, а тоа го наведува како доказ дека има нетолеранција на глутен.
А за време на разговор во живо на Инстаграм, тој тврдеше дека позитивната мисла може да ја „исчисти“ загадената вода, додавајќи дека „научниците докажале дека молекулите во водата реагираат на нашите емоции“.
Според д-р Дејвид Нунан, истражувач во Центарот за медицина базирана на докази на Универзитетот во Оксфорд, „во однос на веројатноста, таквите тврдења веројатно не се вистинити – барем не според сегашните докази од научната теорија и практика“.
Претходно, за време на пандемијата, сопругата на Ѓоковиќ, Јелена, ја повтори теоријата на заговор за 5Г-мрежата на Инстаграм – нејзината објава на таа социјална мрежа беше означена како дезинформација.
Антиваксерите го сметаат за херој
Иако го бранат и навивачите и српските политичари, спорот околу австралиската виза ги охрабри активистите против вакцинацијата, иако Ѓоковиќ никогаш експлицитно не ги поддржа нивните екстремни ставови.
Во групите на Телеграм, во кои се промовираат теории против вакцинацијата, за Ѓоковиќ се зборува како за херој и икона на слободата на избор.
Корисниците на Твитер користат хаштагови за поддршка на Ѓоковиќ, како #IStandWithNovak (Јас сум со Новак) и повикуваат на бојкот на Австралија опен, Грен слем турнирот кој српскиот тенисер го освои рекордни девет пати.
На еден од највлијателните профили на оваа социјална мрежа се тврди дека Ѓоковиќ е политички затвореник и се поставува прашањето: „Ако можат да ѝ го направат ова на мултимилионерска суперѕвезда, тогаш што можат да ни направат нам?“