Грчката телевизија „Скај“ веќе ги објави имињата на потенцијалните министри во новата влада на Кирјакос Мицотакис, повикувајќи се на сопствени извори. За министерството за надворешни работи, кое најмногу ќе ја засега С. Македонија, медиумот тврди дека во трка се две имиња, Маргаритис Схинас и Никос Дендиас.
И двајцата политичари важат за умерени кога е во прашање договорот од Преспа.

Никос Дендиас е роден 1959 година и има долга политичка кариера во Нова Демократија, партија во која се активирал уште пред да наполни 20 години, односно во 1978 година. Правник по професија, зад себе има и неколку мандати како министер. Го води ресорот правда во 2009 во владата на Костас Караманлис. Во коалициската влада на Андонис Самарас во 2012 станува министер за јавен ред, па министер за развој и конкуренција и на крај министер за национална одбрана.
Пред само неколку дена Дендиас учествуваше на јавна дебата каде беше прашан- ако биде нов министер за надворешни работи, како ќе го ословува северниот сосед. Одговори дека неговата партија не поддржува ревизионизам на договорите. Ставот на Дендиас, во тој контекст, беше многу близок до омекнатиот став на партискиот шеф Мицотакис, кој во изборната кампања објасни дека договорот не може еднострано да се менува и дека Грција не може да го блокира стартот на преговори со С. Македонија.
Во истото гостување, Дендиас додаде дека ако дојдат на власт, Нова Демократија ќе се обиде да направи корекции на договорот онаму каде што се може. Но, исто така изјави дека не излегол на ниту еден протест против договорот од Преспа иако тоа можело да му донесе политички поени.

Маргаритис Схинас е актуелен портпарол на Европската комисија. Роден е 1962 во Солун и зад себе има значителна политичка но и професионална кариера во институциите на ЕУ. Прв пат почнува да работи во Европската комисија во 1990 година, каде низ годините успева да раководи со неколку важни позиции. Бил и член на Европскиот парламент како пратеник од Нова Демократија од 2007 до 2009 година.
Најважно за С. Македонија е што Схинас, како портпарол на Јункер, го поздрави договорот од Преспа.
„Важен е фактот дека по толку години имаме спогодба. Сега зависи од луѓето и парламентите на двете земји за да го придвижат прашањето напред. Сметам за да се случи тоа важно е ние да не даваме погрешни сигнали. Мислам дека има широк консензус како на европско, така и на светско ниво дека тоа прашање е значајно за развојот на регионот, за кој Винстон Черчил има кажано дека произведува многу повеќе историја отколку што може да понесе“,
изјави Маргаритис Схинас на 17 септември 2018 година.