Тоа што паѓа во очи е одлуката на МВР прво да го приведе Камчев, па дури потоа да го информира Обвинителството за сознанијата дека тој се подготвува за бегство
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) го иницирало притворањето, но не и приведувањето на Орце Камчев. Ова може да се заклучи од соопштението што го објави ОЈОГОКК, со кое шефува Вилма Русковска.
„Денеска во утринските часови, врз основа на сознанијата на Агенцијата за национална безбедност дека Јордан Камчев се подготвува за бегство, Министерството за внатрешни работи го лиши од слобода. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамките на своите надлежности до Основниот кривичен суд – Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена“,
соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал.
Во соопштението се додава и дека „Јордан Камчев е едно од шестте осомничени лица за кои во октомври минатата година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка заради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик“. Станува збор за предметот познат под името „Плацевите на Водно“.
Тоа што паѓа во очи е одлуката на МВР прво да го приведе Камчев, па дури потоа да го информира Обвинителството за сознанијата дека тој се подготвува за бегство. По случајот со бегството на Сашо Мијалков, за што предистрага води ОЈО Скопје, се наметна дилемата за тоа дали сите институции постапиле навремено, меѓу кои и ОЈОГОКК, особено што иницијалната информација дека Мијалков може да бега ја добила токму Вилма Русковска. Министерот за правда, Бојан Маричиќ, изјави дека Русковска му се доверила за ваквото сознание во петокот на 19 февруари, а таа дури следниот ден, на 20 февруари, тоа се обидела да го провери со МВР (и АНБ).
За случајот „Рекет“, пак, Русковска беше јавно прозивана затоа што реши да не го гони Камчев и покрај тоа што платил мито за да добие повластена позиција во истрагата „Империја“.
„360 степени“ анализираше и кој ги помешал законите при денешното приведување на Камчев, откако неговата одбрана рече дека тој изутрината бил лишен од слобода за една работа, а дека потоа му е одреден притвор за нешто друго. Целиот текст може да се прочита тука.