Според партијата, случајот со Груби не смее да заврши во фиока и не смее да се претвори во нов пазар на политичкото подземје, бидејќи, како што велат, секое одолговлекување на правдата ја нарушува довербата на граѓаните и европскиот пат на државата
Од политичката партија Влен денеска соопштија дека случајот поврзан со поранешниот вицепремиер Артан Груби се одолговлекува, додека јавноста сè уште чека институционален епилог.
Според Влен, Груби со години беше живата архива на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и кој знае каде се потписите, пазарите и аферите на поранешната власт, се уште не се соочува со институционален епилог.

Во соопштението се наведува дека Груби, заедно со Перпарим Бајрами, се сомничи за злоупотреби во вредност од околу осум милиони евра во случајот „Државна лотарија“, кој, според партијата, претставува едно од најсериозните досиеја поврзани со поранешната власт.
Ова, според Влен, не е обичен предмет, туку случај во кој се испреплетени политички и економски интереси.
„Кој го одолговлекува овој случај? Кој има интерес Артан Груби да молчи? Кој се плаши од тоа што може да открие архивата на ДУИ?“,
велат од Влен.
Според Влен, во овој случај не може да се заобиколи ниту името на Ислам Абази, кого јавноста го памети по тоа што Артан Груби вработил негова блиска роднина, а потоа ја префрлил во АЕК.
Во реакцијата се споменува и дека јавноста очекува одговори за евентуални врски и влијанија поврзани со текот на постапката, при што се бара целосна транспарентност и непристрасност од институциите.
„Случајот ‚Груби‘ не смее да заврши во фиока. Не смее да се претвори во нов пазар на политичкото подземје, бидејќи секое одолговлекување на правдата ја нарушува довербата на граѓаните и европскиот пат на државата“,
се вели во партиското соопштение.
По повеќе од една година во бегство, на 23 февруари годинава експрвиот вицепремиер Артан Груби се појави на граничниот премин „Блаце“, каде што беше приведен од полицијата и спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување на мерката притвор што претходно му беше определена.
Тој е второосомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.
Првоосомничен во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот.
