Ова е второ продолжување на изречената мерка за обезбедување присуство на Груби од страна на Кривичниот суд. Доколку Обвинителството во меѓувреме, односно по истекот на овие 30 дена побара ново продолжување на мерката, тогаш, според Законот за кривична постапка (ЗКП), за предлогот ќе одлучува Апелацискиот суд Скопје
Поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби останува во куќен притвор, кој му е продолжен за нови 30 дена, информираа денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

Мерката куќен притвор, со 24 часовен надзор од страна на МВР, на Груби му е продолжен на предлог на Основното јавно обвинителство Скопје.
Куќниот притвор на ексвицепремиерот и висок функционер на ДУИ му беше одреден на 23 февруари, односно истиот ден кога тој се врати во земјава по повеќе од една година бегство од органите на прогонот.
Ова е второ продолжување на изречената мерка за обезбедување присуство на Груби од страна на Кривичниот суд. Доколку Обвинителството во меѓувреме, односно по истекот на овие 30 дена побара ново продолжување на мерката, тогаш, според Законот за кривична постапка (ЗКП), за предлогот ќе одлучува Апелацискиот суд Скопје.
Инаку, Груби е второосомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.
Првоосомничен во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот.
По повеќе од една година во бегство, на 23 февруари годинава експрвиот вицепремиер се појави на граничниот премин „Блаце“, каде што беше приведен од полицијата и спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување на мерката притвор што претходно му беше определена.
Сепак, Груби во „Шутка“ се задржа само неколку часа. Тој беше спроведен во Основното јавно обвинителство Скопје, кое предложи, а судот прифати на бегалецот наместо затворски да му биде одреден куќен притвор.
Објаснувањето на Обвинителството за ваквата одлука беше дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение на затворот „Скопје“ не може да се гарантира безбедноста на Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.
Куќниот притвор на Груби предизвика лавина реакции во јавноста, а беше повод и за препукувања и меѓусебни обвинувања помеѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од „Бихаќка“ обвинуваа дека случувањата поврзани со Груби се однапред договорени и режирани од ВМРО-ДПМНЕ и од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и се реализираат пред очите на јавноста.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговори со став дека го разбира револтот на граѓаните од одлуката, но, според нив, тој се должи на состојбите во правосудниот систем што зад себе ги оставило седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ.
