Драган Даниловски, поранешен министер за здравство, вчеравечер прво објави дека „вирусот се одржува во воздухот дури три часа, значи се шири и аерогено (низ воздухот)“, за по извесно време да сфати дека згрешил, да го избрише постот на „Фејсбук“ и да порача – „успокојте се, спектакуларната вест дека вирусот опстојува во воздухот три часа не е точна“
Професорот Даниловски вели дека станува збор за „случаен превид“, иако и при првата панична објава тој ја имаше споделено оригиналната верзија на научната студија, за која во вториот пост наведува дека погрешно ја толкувал
Епидемиологот, професор на Медицинскиот факултет и поранешен министер за здравство, Драган Даниловски, вчеравечер сметаше дека на македонската јавност и ја открива причината за, како што самиот рече, „филмската брзина со која вирусот се рашири низ светот“, внесувајќи паника меѓу оние до кои стигна неговиот пост на „Фејсбук“.
Со назнаката „ВАЖНО!!!“, Даниловски објави:
„Вирусот се одржува во воздухот 3 часа! Значи, се шири и аерогено (низ воздухот)! Досега се сметаше дека тоа е малку веројатно. Ова најново сознание, од една страна, ја објаснува ‘филмската’ брзина со која се рашири низ светот, а од друга страна, значи итно менување на стратегијата за лична заштита! Веќе не знаете кој поминал пред вас по улица. И дали, можеби, нема да поминете низ облак од вируси, кои си лебдат во воздух цели три часа. Особено ако времето не е ветровито…“
Објавата на Даниловски предизвика огромно внимание и вознемиреност меѓу Фејсбук-заедницата, особено што дојде од човек кого деновиве го гледаме во телевизиски и други медиумски настапи во кои од позиција на експерт дава оценки и дели совети за актуелната состојба со коронавирусот.
Притоа, интересно е дека Даниловски ја сподели оригиналната верзија од научната студија за која тврдеше дека ги открива новите сознанија.
Но, извесно време потоа, Даниловски го избриша постот и на негово место напиша нов, со следната содржина:
„Успокојте се! Спектакуларната вест дека вирусот опстојува 3 часа во воздухот не е точна! Се работеше за случаен превид, па според тоа и погрешно толкување на наодите на експерименталната студија за стабилност на SARS-CoV-2 во аеросоли и на површини, при разгледување на студијата. Извинување за ненамерно предизвиканата паника!!! Согласно студијата, вирусот опстојува 3 часа во аеросоли, во експериментални, лабораториски услови. Ама не би можело тие наоди да се пресликаат на реални клинички услови. Понатаму, аеросоли не се формираат при кашлање, кивање, гласно говорење, туку само при одредени клинички процедури, како што се ендотрахеална интубација, бронхоскопија, отворена сукција, администрација на небулизирана терапија, мануелна вентилација пред интубација итн. (видете цитат подолу). Значи, досега не е докажано постоење на аероген пренос за SARS-CoV-2! И понатаму остануваат препорачаните мерки на СЗО.“
Професорот Даниловски вели дека станува збор за „случаен превид“, иако и при првата панична објава тој ја имаше споделено научната студија. Вели дека првиот пат погрешно ги толкувал наодите од неа.
*поврзана вест Ковид-19: Колку долго вирусот се задржува на различни површини