Во реномираните научни списанија веќе почнаа да излегуваат првите студии за способноста за преживување на ковид-19 надвор од човечкото тело. Британскиот јавен сервис Би-би-би на неколкупати го ажурираше својот текст на оваа тема, првично објавен на 17 март, кој меѓу другото ја вклучува студијата за „животот на вирусот“ во малите искашлани капки плунка и кој „360 степени“ ви го пренесува во целост
Како што се шири ковид-19, така се шири и нашиот страв од површини. Веќе има препознатливи сцени на јавни места низ целиот свет како луѓе се обидуваат да отворат врата со лактот, патници кои се движат низ јавен превоз без да ги фаќаат рачките, шалтерски работници кои постојано ги дезинфицираат своите бироа.
Како и многу други респираторни вируси, вклучувајќи го и грипот, ковид-19 може да се шири во мали капки кои се распространуваат од носот и устата на инфицирани луѓе, кога тие ќе кивнат или ќе се закашлаат. Едно кашлање може да произведе и до 3000 капки. Овие честички може да завршат на други луѓе, на облека или на блиски површини, додека најситните честички можат да останат извесно време во воздухот. Постојат и одредени докази дека вирусот може да се задржи подолго на фецес, па секој што не ги мие рацете темелно по одење во тоалет, може да контаминира се што ќе допре.
Сепак, важно е да се спомене дека, според Центарот за контрола и превенција на болести, допирањето на контаминирана површина, а потоа допирање на лицето, не се смета за доминантен начин на кој се шири вирусот. И покрај тоа, Центарот, Светската здравствена организација и други здравствени авторитети, потенцираат дека миењето раце и редовното дезинфицирање и чистење на површините се клучни во спречувањето на ширењето на ковид-19. Така, иако се уште не знаеме точно колку случаи на трансмисија се случиле преку контаминирани површини, експертите повикуваат на претпазливост.
Еден аспект што не е јасен е колку долго ковид-19 може да преживее надвор од човечкото тело. Одредени студии за други коронавируси, вклучувајќи ги SARS и MERS, покажаа дека тие можат да преживеат на метални, стаклени и пластични површини дури и до девет дена, ако површините не се соодветно дезинфицирани. Некои можат да живеат и до 28 дена на ниски температури.
Познато е дека коронавирусите се особено упорни во услови кои им одговараат за да преживеат. Научниците дури сега почнуваат да разбираат нешто повеќе како тоа влијае на ширењето на новиот коронавирус.
Нелтје ван Доремеален, виролог од Националниот институт за здравје на САД, и нејзините колеги од лабораториите „Rocky Mountain” во Хамилтон, Монтана, направија некои од првите тестови за тоа колку долго ковид-19 може да издржи на одредени површини. Нивната студија, која е објавена и во медицинското списание „New England Journal of Medicine“, покажува дека вирусот може да преживее во капките од кивање/кашлање и до три часа по искашлувањето. Малите капки со големина од 1 до 5 микрометри, што е околу 30 пати помало од ширината на влакно од човечка коса, можат да лебдат неколку часа во заробен/недвижечки воздух.
Тоа значи дека вирусот, кој циркулира во нефилтрирани системи за климатизација, ќе преживее најмногу неколку часа, особено што аеросолните капки побрзо се лепат на површини кога има движење на воздухот.
Но, студијата на Националниот институт за здравје на САД покажа дека ковид-19 преживува и до 24 часа на картонски површини, додека на пластични и метални површини преживува и до 2-3 дена. Ваквото откритие сугерира дека вирусот може да остане толку долго на кваки, пластични или ламинатни работни површини и други тврди површини. Истражувачите откриле и дека бакарните површини „го убиваат“ вирусот за околу четири часа.
Но, за тоа, има и побрза опција. Истражувањето покажува и дека вирусот може да биде „деактивиран“ за помалку од минута со дезинфекција на површините со алкохол со јачина од 62% до 71% или со 0,5% водородно пероксидно белило (хидроген пероксид) или обично домашно белило (варикина н.з.) кое содржи 0,1% натриум хипохлорит. Високите температури и влажноста, исто така, помогаат коронавирусите да умираат побрзо, иако студијата покажува дека сродниот коронавирус кој предзивикува SARS може да биде убиен со температури над 56 степени целзиусови (потопло од најжешката вода што човек може да ја користи за миење/бањање без да му нанесе изгореници).
Агенцијата за заштита на животната средина на САД објави и листа на средства за дезинфекција и активни состојки кои можат да бидат употребени против ковид-19.
Иако нема доволно податоци за тоа колку вирусни честички може да има во една капка искашлана од инфицирано лице, истражувањата на вирусот на грип покажуваат дека малите капки можат да содржат и десетици илјади „копии“ на вирусот на грип. Сепак, овие бројки варираат зависно од вирусот, од тоа од кој дел на респираторниот систем потекнуваат и во кој стадиум е инфицираната личност.
Не е јасно и колку долго преживува вирусот на површини кои се тешки за дезинфицирање, како облеката. Природните влакна на картонот, кои имаат апсорпционо својство, го сушат вирусот побрзо отколку металот и пластиката, вели Винсент Мунстер, раководител на одделот за вирусна екологија на лабораториите „Rocky Mountain” и еден од оние што ја водеа студијата.
„Шпекулираме поради порозноста на материјалот, тој брзо се суши и може да се залепи на влакната“, вели тој. Промената на температурата и влажноста, исто така, може да влијаат колку долго тој може да преживее, што дава можно објаснување зошто (вирусот н.з.) е понестабилен во исфрлените капки во воздухот, кои се многу поизложени на надворешни влијанија. „Во моментов правиме дополнителни експерименти за да откриеме повеќе детали – како влијаат температурата и влажноста“.
Според Мунстер, способноста на вирусот да преживува толку долго само ја потенцира важноста на хигиената на рацете и чистењето на површините.
„Има потенцијал за овој вирус да се шири на разни начини“, вели тој.
(автор: Ричард Греј, Би-би-си)