Кинески авиони и бродови утринава спроведоа вежби за симулација на напад врз главниот остров во Тајван, јави тајванското Министерство за одбрана. Од таму се вели дека неколку групи кинески авиони биле откриени во Тајванскиот теснец и дека некои ја преминале централната линија.
Во соопштението се додава дека војската на Тајван издала предупредување и ги ставила во состојба на готовност патролните сили за воздушно извидување, поморските бродови и проектили за да се справи со ситуацијата, а доцна синоќа истрелало проектили за да предупреди седум беспилотни летала кои леталет над тајванските острови Кинмен и неидентификувани авиони кои летале над островот Мацу. Министерството соопшти дека војниците се во состојба на готовност во двете области, кои се наоѓаат недалеку од брегот на континентална Кина.
Инаку официјален Пекинг, неделава започна да изведува големи воени вежби во близина на Тајван како одговор за посетата на претседателката на Претставничкиот дом во американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на Тајван.
Од кинеското Министерство за надворешни работи денеска истакнаа дека меѓународната заедница треба да се обедини против американското мешање во внатрешните работи на други суверени држави.
„Ако го игнорираме мешањето во нашите внатрешни работи, светот ќе се врати на законот на џунглата, а САД ќе користи сила за да ги малтретира другите земји. Не можеме да дозволиме САД повторно да преземат слични чекори. Сите земји треба да се обединат за да не се дозволи да се случат вакви работи“,
истакна кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји.
Министерот воедно кажа дека воените вежби се транспарентни и професионални кои во ниту еден случај не ги прекршуваат кинеските и меѓународните закони.