Воените вежби што ги започна Кина се најголемите насочени кон Тајван во последните 27 години односно од 1995 година кога кинеската војска лансираше ракети со што го искажа незадоволството од посетата на тогашниот тајвански претседател Ли Тенг Хуи на САД
Пекинг си го смета островот за своја територија и се противи на какви било дипломатски контакти на тајванските власти со други држави
Откако претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, замина од Тајван, Кина започна воени вежби кои претставуваат најголемите воени маневри организирани околу овој остров што кинеските власти го сметаат за своја територија.
„Вежбите почнуваат“, наведе кинеската телевизија ЦЦТВ во порака објавена на социјалната мрежа Веибо.
Вежбите кои ги започна кинеската војска се реализираат во шест зони околу Тајван кои важат и за фреквентни комерцијални рути. Како што наведе телевизијата, ќе траат до недела попладне, а некои ќе бидат и на само 20 километри од тајванското крајбрежје.
Тајванската војска соопшти дека се подготвува за војна без да ја бара.
Весникот „Глобал Тајмс“ повикувајќи се на воени аналитичари за вежбите наведе дека се без преседан бидејќи ракети првпат ќе го надлетуваат Тајван.
„Кинеската војска првпат ќе реализира артилериско боево гаѓање над Тајванскиот теснец“,
пишува весникот.
Овие вежби за кои подготовките почнаа и за време на посетата на Пелоси се сметаат за одговор на доаѓањето на Американката на островот, што Кина го смета за сериозна провокација. Иако функционерската од САД беше на Тајван помалку од 24 часа, нејзината посета предизвика бес кај Пекинг со оглед дека станува збор за највисокиот државен функционер од САД кој доаѓа во Тајпеј во последните 25 години.
Пелоси за време на престојот порача дека САД ќе го поддржуваат Тајван со кој управува демократска власт, но и кој живее под постојана закана од инвазија од кинеската војска.
Пекинг, пак, кој го смета островот за своја територија се противи на какви било дипломатски контакти на тајванските власти со други држави.
Така и за посетата на Пелоси кинеските власти наведоа дека воените вежби се потребни и претставуваат легитимна мерка.
„САД се провокатори, а Кина е жртва. Кине е во ситуација да има легитимна одбрана“,
изјавиле од прес-службата на кинеското Министерство за надворешни работи.
Воените вежби што ги започна Кина се најголемите насочени кон Тајван во последните 27 години односно од 1995 година. Тогаш кинеската војска лансираше ракети со кои го искажа своето незадоволство од посетата на тогашниот тајвански претседател Ли Тенг Хуи на САД.
Photo: EPA-EFE/JEROME FAVRE