Претходно, казахстанскиот претседател Токаев им дозволи на безбедносните сили спроведување на законот да пукаат „без предупредување“ во демонстрантите кои тој ги нарече „вооружени банди“, а кои предизвикаа немири поради зголемувањето на цената на горивото
Кинескиот претседател Си Џинпинг го нарече „многу одговорно“ спроведувањето на силните мерки на казахстанската влада кои предвидуваат без предупредување слободно да се пука кон демонстрантите кои деновиве направија немири низ Казахстан поради поскапување на горивото.
„Одлучно презедовте цврста акција во критичните моменти и брзо ја смиривте ситуацијата, покажувајќи ја на тој начин вашата одговорност и вашето чувство за тоа што треба да се прави како политичар“,
наведе кинескиот претседател во пораката до претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев.
Тој додаде дека неговиот колега од Казахстан се покажал „високо одговорен за својата земја и својот народ“, објави агенцијата Ксинхуа.
За разлика од Кина, Германската влада, пак, смета дека насилството како она во Казахстан никогаш не е соодветен одговор и повика на смирување на ситуацијата и наоѓање мирно решение.
„Ги повикуваме сите вклучени страни да се деескалираат и да најдат мирно решение“,
порача таа.
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Кристофер Бургер, пак, истакна дека „употребата на смртоносна сила со вистински куршуми против цивили не е опција“.
„Покрај тоа, кога се користат воени сили, ова може да биде само последна опција“,
додаде тој.
Насилствата во Казахстан започнаа со изразување на незадоволство поради зголемување на цената на горивото, а набрзо потоа се претворја во антивладини протести, од кои некои беа насилни.
Казахстанскиот претседател Токаев им дозволи на безбедносните сили спроведување на законот да пукаат „без предупредување“ во „вооружените банди“ кои предизвикаа немири.
Тој, исто така, отфрли секаква можност за преговарање со демонстрантите, нарекувајќи ги „апсурдни“ таквите барања од странство.
Десетици луѓе се убиени или повредени, соопшти казахстанската влада.