Новиот шеф на ОЈО ГОКК во неговиот досега единствен јавен настап, потврди дека неговата сопруга ги завршува студиите на Академијата за судии и јавни обвинители. Тој тогаш рече дека законот забранува брачни другари да работат во исто јавно обвинителство, но посочи оти неговата сопруга има право да конкурира на сите огласи за другите обвинителства во државата
Неколку дена откако Ислам Абази беше избран за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), обвинителот денеска беше предложен за уште функција – член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавно обвинители. На оваа Академија, пак, неговата сопруга е дел од генерацијата кандидати кои наскоро треба да полагаат завршен испит и потоа и официјално да станат нови судии и обвинители.
За член на УО, Абази денеска бил предложен на седница на Советот на јавни обвинители, што го поддржале мнозинството членови, но сепак, можеби нема ни да стапи на оваа функција бидејќи веќе во понеделник членовите на Советот би можеле да одлучат да го повлечат предлогот.
Претседателот на Советот, Антонио Јолевски, во разговор со „360 степени“ рече дека не знаел оти сопругата на Абази е слушател на Академијата. За истото дознал од медиумите и доколку е точно веќе на седницата закажана за во понеделникот ќе предложи да се измени предлогот. Дали ќе се измени или Абази ќе остане предлог, пак, ќе одлучат мнозинството гласови во Советот.
Обвинителот во неговиот досега единствен јавен настап, потврди дека неговата сопруга ги завршува студиите на Академијата за судии и јавни обвинители. Тој тогаш рече дека законот забранува брачни другари да работат во исто јавно обвинителство, но посочи оти неговата сопруга има право да конкурира на сите огласи за другите обвинителства во државата.
„Не знам каде ќе конкурира, ќе има огласи и таа има право да конкурира во секој јавен оглас на територија на цела Република Македонија“,
рече Абази.
Инаку, покрај него, Советот за член на УО на Академијата денеска ја предложи и Фиданка Рајевска, а како заменици ги предложи Бурим Рустеми и Ристе Бојаџиски.
На седницата во понеделникот кога се очекува Советот да одлучи дали ќе го повлече предлогот за Абази за член на УО, обвинителот треба и формално да биде назначен за шеф на ОЈО ГОКК.
Имено, според Законот за јавно обвинителство, тој беше избран за нов шеф на непосредни избори на кои гласаа сите обвинители во државата. Освои 66 гласа, само два повеќе од неговиот најголем конкурент Ермон Незири. Изборите се одржаа во понеделник (7 ноември) и за да стапи на функцијата преостанува само формално да биде именуван на седница на Советот.
Абази во ОЈО ГОКК, ќе се пресели со шефовското столче во Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар, па во понеделник се очекува избор и на нов прв човек на ова обвинителство. Исто така, на дневен ред тогаш ќе биде и избор на нов шеф на ВЈО Скопје за каде има тројца кандидати.
Според најавата, шефови ќе се бираат и на повеќе основни јавни обвинителства: Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци и Куманово.