Поради влошување на состојбата, Прилеп побара зголемување на полицискиот час од 19 наместо од 22 часот, а дека состојбата со ширењето на британскиот сој е загрижувачка алармираа и од штипскиот Центар за јавно здравје
Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанокот во врска со актуелната состојба со ковид-19, но засега нема информации дали ќе се предложат нови мерки, но дел од градовите веќе алармираат на сериозноста на ситуацијата.
Информацијата дека ќе има состанок, министерот за здравство Венко Филипче ја потврди за Телма ТВ, но не можеше да каже дали ќе има и нова препорака до Владата за заострување на мерките.
Во меѓувреме, локалната власт во Прилеп побара заострување на мерките. Општинскиот кризен штаб оцени дека ситуацијата во овој регион е алармантна и крајно загрижувачка и побара полициски час од 19 часот, како и скратен и редуциран јавен превоз. Од граѓаните, пак, Кризниот штаб побара голема совесност и одговорност.
Според градоначалникот Илија Јованоски, Прилеп цел месец е втор град со новозаразени, по Скопје. Граѓаните се неодговорни, се групираат, а голем број ги кријат контактите.
„Од тие причини, Општинскиот кризен штаб бара од Главниот кризен штаб, од Владата и Комисијата за заразни болести, заострување на мерките кои ќе се однесуваат на целата територија на Општина Прилеп. Полицискиот час, кој сега започнува во 22 часот и трае до 5 часот изутрина, да започнува во 19 часот и да трае до 05 наутро. Ваквата мерка да трае наредните две до три недели, затоа што во тој период очекуваме овој таканаречен трет бран на пандемијата да го достигне својот пик“,
изјави Јовановски.
Дополнително, Општинскиот кризен штаб донесе заклучок со кој се редуцира јавниот превоз. Од утре автобусите на јавниот превоз ќе сообраќаат до 18 часот и во помал број. На влезовите на Градскиот пазар ќе бидат поставени ковид-штандови и на секој граѓанин кој влегува во пазарот ќе му бидат дезинфицирани рацете и доколку не носи заштита маска нема да му биде дозволен влезот. Со асистенција на волонтери и полицијата, ќе бидат засилени контролите за да се спречат групирања во пазарот, а полицијата и Пазарната инспекција ќе продолжат со засилени контроли во угостителските објекти.
И од штипскиот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) денеска алармираа дека британскиот сој на коронавирусот забрзано се шири во тој регион. Директорката на Центарот за јавно здравје Марија Димитрова за МИА вели дека деновиве повторно на пунктот за земање на брисови имаат над 40 пациенти. Забележува дека од вчера во изолација се 28 деца од претшколска возраст и две воспитувачки од градинката во населбата Автокоманда. Дел од децата се тестирани, а нивните резултати се негативни. Во моментов потврдени се позитивните резултати и за двајца учители, кои имаат физичка настава.
„Вирусот се шири брзо низ семејствата и во колективите каде што има заразени лица. Бараме граѓаните да ги почитуваат мерките, носење на маски, држење на дистанца и што е најважно да не се групираат и собираат по домовите, бидејќи на тој начин го штитат сопственото здравје, но и здравјето на најблиските кои се во ризичните групи“,
вели Димитрова.