Божиќ денеска го слават и Вселенската патријаршија и православните цркви во Грција, Бугарија, Романија, Украина и Грузија, кои го прифатија грегоријанскиот календар
Верниците кои се водат според грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово-Божиќ.
Божиќ денеска го слават католичките и протестантските верници и дел од православните христијани. Исто така, Божиќ денеска го слават и Вселенската патријаршија и православните цркви во Грција, Бугарија, Романија, Украина и Грузија, кои го прифатија грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет, кој се води според јулијанскиот календар, меѓу кои и Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Српската православна црква, Московската и Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божиќ ќе го одбележат на 7 јануари.
Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монсињор Киро Стојанов, во божиќната порака нагласи дека верува оти во оваа време би било утешно за сите нас да слушнеме повик на многу народи да тргнат по патот на мирот, дури и ако тие би можеле да произлезат од устата на оние кои го држат оружјето на моќта во своите раце.
Тој додаде дека во денешно време добрите тонови се сè помалку и помалку и иако можеби ги има, тие се толку слаби што едвај може да се слушнат, а сведоци сме дека моќниците на светот сѐ повеќе се однесуваат како лоши господари над оваа кревка планета измачена од многу војни и немири.
„Вистина, има луѓе кои се миротворци кои со сиот глас викаат за мир, кои копнеат и се молат, ниту еден народ никогаш да не крене меч против друг народ и никогаш повеќе да не се учат да војуваат, но нивниот крик или не може да навлезе во вревата на убиствените оружја или тие се толку малку што тешко се слушаат“,
додаде Стојанов.
Тој натаму нагласи дека во ова предбожиќно време пред нашите очи се одвиваат настани кои папата Франциск ги означи како „трета светска војна во делови“.
„Не можеме да останеме смирени додека ја набљудуваме страшната војна што се случува на нашиот праг, на оваа стара европска почва, каде што браќа удрија на браќа, мислам на Украина, но и на настаните што нè засегаат сите. Ова страдање на нашите ближни нѐ поттикнува да бидеме сериозни и кај нас буди страв од натамошна ескалација на конфликтот на светско ниво. За жал, нема топлина, ниту онаа вистинската да се загреат луѓето во овие делови, ниту онаа човечката која би можела со еден потег да покаже сочувство и да престане да предизвикува уништување и смрт“,
вели скопскиот бискуп во божиќната порака.
Тој потенцира дека учесниците во војна не можеме да ги делиме на лоши и добри, туку на оние кои страдаат и оние кои убиваат, потсетувајќи дека папата Франциск постојано ја осудува бруталноста и суровоста на војната, а Црквата постојано била и ќе биде на страната на оние кои најмногу се погодени од воените дејствија – невините жртви.