Поранешниот премиер Зоран Заев имаше храброст да се согласи на компромис, што донесе значителни придобивки за Северна Македонија. Спротивно на ова, опозицијата постојано говори против Договорот од Преспа, што ги загрозува повеќекратните придобивки на земјата, се оценува во коментар во електронското издание на атинскиот весник „Катимерини“
Во Северна Македонија следната недела, по тримесечно одлагање поради пандемијата на ковид-19, ќе се одржат клучни избори, кои ќе покажат дали балканската земја ќе продолжи на својот евроатлантски пат, што беше отворен со Договорот од Преспа или ќе се врати кон неизвесноста, што би ги загрозило перспективите на граѓаните, но и односите со Грција, се оценува во коментар во електронското издание на атинскиот весник „Катимерини“.
„Односите меѓу Атина и Скопје многу се подобрија од потпишувањето на Договорот за името во 2018 година. Поранешниот премиер Зоран Заев имаше храброст да се согласи на компромис што донесе значителни придобивки за Северна Македонија. Пред се, земјата страна полноправна членка на НАТО, а се подобрија и шансите за пристапување кон ЕУ, па се чини дека таа е решена да остане на овој пат. Спротивно на ова, опозицијата постојано говори против Договорот од Преспа, што ги загрозува повеќекратните придобивки на земјата. Секако, од граѓаните ќе зависи да решат во која насока сакаат да одат и кои ќе бидат приоритетите на нивната земја“,
наведува весникот.
„Катимерини“ оценува дека Грција би сакала да продолжи со поддршката на евроатлантскиот пат на земјата и на нејзините институционални реформи, при што се нуди себеси како важен трговски партнер, под услов Договорот со Преспа да биде поддржан и од новата влада во Скопје, која би имала активен однос во решавање на големиот број долготрајни разлики.
„Грција е природен партнер и сојузник на Северна Македонија. Освен пристапот што и го обезбедува до пристаништето во Солун, Грција претставува и безбедносна бариера и ја штити малата континентална земја од надворешни опасности. Неодамнешните прелети од страна на грчки и американски авиони на небото над земјата беа потсетник за тоа“,
се додава во текстот.
Авторот на коментарот потенцира и дека Грција е еден од најголемите поддржувачи на членството на Северна Македонија во ЕУ, што неодамна и го докажала со убедувањето на неколку членки на Унијата да се согласат на почеток на пристапните преговори со земјата.